сабота, февруари 8, 2025
-3.2 C
Skopje

Кој плати за фотографирање и прошетка на политичките лидери во САД?

Нејасно е дали спикерот Африм Гаши имал усна или писмена покана за инаугурацијата на Трамп. Од Вреди велат дека таму се на покана на пријатели, а трошоците се покриени приватно, а од Владата соопштија дека навремено информирале за делегацијата која ќе присуствува на свеченоста во Вашингтон.

Лидерите на Вреди – Арбен Таравари, Зеќирија Ибрахими, но и претседателот на Собранието Африм Гаши – на придружните свечености за инаугурацијата на претседателот на САД Доналд Трамп се на покана на пријатели, а трошоците се покриени приватно. Таравари во изјава за „Слободен печат“ вака ја разреши дилемата во јавноста дали тој и претседателот на Собранието Африм Гаши службено или приватно заминале во САД. Иако „Слободен печат“ достави прашања до сите лидери и функционери на Вреди коишто се во САД, одговор добивме само од Таравари.

– Поканата е од пријатели наши од САД, а трошоците се покриени приватно – ни напиша Таравари, но не прецизира дали трошоците ги покриле лично или пријателите.

Од Собранието официјално не добивме одговор дали Гаши како втор човек во државата во САД е на официјална покана или и неговата посета е приватна и дали за тоа се информирани МНР и МВР. Неофицијално, Гаши на состанок ги известил потпретседателите на Собранието дека има усна покана за инаугурацијата на Трамп и дека ако добие и писмена покана, ќе патува во САД. Претседателот на Собранието не приложил никаков документ за патувањето. Неофицијално, Гаши во САД не го придружува никој од Собранието и, како што велат, ниту од обезбедувањето.

Посетата на лидерите на Вреди на САД ја разбрануваа јавноста дали патувањето е платено од буџетски пари, зашто фотографиите што ги објавија на Фејсбук се – од улица!

За присуството на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, првиот вицепремиер Изет Меџити и заменичката за европски прашања Викторија Трајков, на инаугурацијата на Трамп, од Владата велат дека навремено и транспарентно ја информирале јавноста, односно на 18 јануари пратиле соопштение за владината делегација што ќе присуствува на инаугурацијата.

– Со оглед на фактот што во рамките на посетата на САД има многубројни продуктивни средби од особено значење за македонските граѓани, ги разбираме позитивните реакции на граѓаните поради фактот што по долго време Македонија гради сериозна дипломатска мрежа и пријателства што ќе значат можни идни економски соработки и инвестиции. Во однос на вашето прашање што се однесува на финансиските средства, ве информираме дека посетата е во согласност и рамка на законските прописи

Опозициската ДУИ ги обвини функционерите на Вреди за злоупотреба на јавните средства со посетата на Вашингтон. Од ДУИ побараа секој од функционерите од владејачката коалиција да ги објави јавните средства потрошени за посетата на САД и повика Обвинителството да почне истрага за случајот.

– Овие поединци секако не ја претставуваат волјата на народот, но овој пат го покажаа вистинското лице на нивната алчност, личните интереси и темните агенди. Измамниците да ја прекинат злоупотребата веднаш и средствата да ги вратат во буџетот на државата – велат од ДУИ.

Од партијата додаваат дека изјавите на функционерите од Вреди за официјални покани за учество на инаугурацијата на американскиот претседател Трамп се срамна измама и обид за создавање илузија за меѓународна поддршка.

– Наместо да ги претставуваат достоинствено интересите на граѓаните, тие се појавија шетајќи по улиците на Вашингтон, објавувајќи гротескни фотографии на социјалните мрежи пред плакатите на церемонијата и владините објекти. Оваа јавна фарса, платена со пари од даночните обврзници, е врв на манипулациите што го карактеризираат овој политички субјект без визија, морал или одговорност кон граѓаните – велат од ДУИ.

За обвинувањата од ДУИ и барањето Обвинителството да реагира, Таравари вели:

– Супер. Така и треба да се однесува опозицијата. Тука сме за секој детаљ да дадеме одговори – ни одговори Таравари.

Од посетата на Вашингтон фотографии на Фејсбук објавија и министерот за здравство Арбен Таравари и претседателот на Собранието Африм Гаши. На една од фотографиите од средбите во Вашингтон објавена на социјалните мрежи на Таравари е присутен и ексминистерот за здравство Фатмир Меџити.

СДСМ ја искритикува посетата на премиерот, за која рече дека требаше да биде дипломатска мисија од висок ранг, но се претвори во евтина ПР-фарса.

-Владата три дена го продаваше ова патување како историски успех, но вистината е сосема поинаква: премиерот немал ниту официјална покана за инаугурацијата на претседателот Трамп ниту бил дел од неа. Наместо тоа, тој присуствувал на партиски митинг организиран од Републиканската партија, од каде што инаугурацијата ја следел на монитор – велат од СДСМ.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови