Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека лажни биле пријавите за поставени експлозивни направи до училишта во Скопје, Битола, Прилеп, Тетово и струшко.
Според Министерството, полицијата ги направила сите потребни проверки и утврдиле дека не постои опасност по учениците и училишниот кадар.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, велат од МВР.
Ова е првпат дојави за бомби да стигнат до училишта во Тетово и струшко. Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами претходно на социјалните мрежи повика на смиреност од граѓаните, наставниците и родителите.
„Ве известуваме дека по мејл кој стигнал до двете основни училишта „Лирија” и „Кирил и Методиј”, со предупредување за поставена бомба, учениците и наставниците по наредба на полицијата и надлежните ги напуштиле училишните објекти, а стручните екипи си ја вршат работата. На лице место сме заедно со полицијата за контрола на состојбата на терен. Имајќи предвид дека вакви вести имало и во други градови и дека истите се посочени како лажни, сепак мора да бидеме внимателни. Воедно, соопштуваме дека вакви предупредувања нема во другите основни и средни училишта и ситуацијата е под контрола. Апелираме до граѓаните, наставниците и родителите да останат смирени и да не паничат во вакви ситуации. Образовниот сектор при општина Тетово, на предлог на органите на државната безбедност, ја зголеми грижата и надзорот над училиштата и континуирано е во комуникација со раководните лица на училиштата и државните органи за безбедност во државата“, напиша Касами.
Од 26 октомври па сѐ до денес, ова е 20 пат да се пријавуваат дојави за бомби низ Северна Македонија. Покрај во основни и средни училишта изминатиов период имаше дојави за поставени експлозивни направи и во Народната Банка, полициска станица, Министерството за надворешни работи, Транспортниот центар и повеќе трговски центри и станбено-деловни комплекси. Досега беше утврдено дека сите дојави се лажни.
Пред три дена МВР поднесе кривична пријава против 15-годишник од Кавадарци, за сторено кривично дело „Тероризам“. Малолетникот во два наврати испратил закани за бомби до училишта.