Во моментот сме соочени со уцена што утре ќе се обиде веројатно со убави зборови да ја амортизира и сегашната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
„Го почитуваме нејзиното време, но си го почитуваме и своето достоинство – знаеме што е добро, а што не е добро за Македонија и сметаме дека овој преседан каде што од земја членка се бара да ревидира историја и да промени Устав за воопшто да може реално да почне преговори и истите да бидат поврзани со понатамошни ревизии на учебници и на историски личности е понижувачки. Тоа не би го направиле ни Германија кон Полска, не би направила ниту Франција кон Шпанија“, рече Милошоски на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање за утрешното обраќање на Фон дер Лајен на собраниската седница за францускиот предлог.
Тој повтори дека за преговарачката рамка, според Уставот, надлежен орган којшто ја прифаќа или одбива е Владата, а Парламентот нема надлежност. Според него, сега расправата е сведена на Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка, а информација, според Деловникот, е најнискиот ранг на расправа во Собранието.
„Тоа што Бујар Османи и Ковачевски немаат храброст да го објават македонско-бугарскиот протокол и да има сериозна реална дискусија во јавноста ќе биде сведено на театрална козметика во македонското Собрание, што потоа тие ќе ја искористат за она што веќе го одлучиле, да кажат ‘да‘ на овој предлог, којшто сметаме дека е штетен и ќе донесе само ретроградни политички процеси и тензии за некаква историска ревизија во следните 10-15 години. Во секој случај, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ аргументирано ќе го разобличат овој предлог и неговата штетност и ќе бидат против овој театрален обид Собранието да биде искористено како алиби за она што во понеделник или вторник Владата, Ковачевски и Османи ќе кажат ‘да‘ за овој предлог“, изјави Милошоски.
Прашан какви заклучоци би прифатиле за тие да бидат едногласно усвоени во Собранието, Милошоски рече дека заклучоци по однос на оваа информација би имале смисла само доколку нив ги прифати Владата.
„Заклучоци по однос на оваа бенигна информација би имале смисла само доколку истите ги прифати Владата, а имаат за цел да се направи корекција, а не прифаќање на францускиот предлог. Корекција со која што од францускиот предлог ќе се исфрлат билатералниот протокол и сите други уцени, вклучувајќи ја и измената на Уставот. Во таков случај би имало смисла да се градат заклучоци, а Владата да го направи обидот до Брисел и до Париз да ги искаже своите сериозни забелешки, да го одбие овој предлог и дипломатијата да се вклучи поактивно, не во барање на предлог којшто нуди можност за фотографирање во Брисел и политички кризи дома, туку предлог којшто нуди предвидливост на процесот за европеизирање на државата“, рече Милошоски.
Сите други заклучоци, според него, „би биле само проформа, алиби зад коишто Владата би сакала да се сокрие и да каже дека го прифаќа предлогот“.