Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за в среда во 18 часот повика на граѓански протест со што го закажа првиот од серијата протести што опозициската партија ќе ги организира против политиките на власта. Маршот ќе започне од пред Министерството за правда а ќе заврши до Регулаторна комисија за која рече дека е маша на власта. Од протестот ќе се испрати барање за поништување на одлуката за зголемување на цената на електричната енергија.
„ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи бара да се врати оваа одлука на преразгледување, да се намали маржата која што универзалниот снабдувач ја приходува во овој момент и на тој начин ќе имаме доволно пари за цената на електричната енергија да не биде поскапена за граѓаните.“, вели Мицкоски.
Мицкоски повика на протестите да и се придружи цела опозиција, синдикалци, здруженија, еснафи и сите незадоволни граѓани. Да направиме опозициски фронт против оваа власт која е мафија и која продолжува да се богати на грбот на народот и да и се спротивставиме со активен отпор на улица, рече Мицкоски.
„Ова е отворен повик да се обединиме за да ја зачуваме државата и да ги заштитиме граѓаните. Не смееме да дозволиме богата Влада, богати мафијаши во мафијата а сиромашен народ. Мора да се избориме за систем на вредности и иднина. И како што реков, мафија не се руши само со една битка. Туку со многу битки и труд. Овие протести нема да завршат со бугарско сценарио туку ќе завршат со македонско сценарио кога оваа мафија на власт ќе биде поразена.“, рече Мицкоски.
Протестите се нормална работа во демократија, но опозицијата организира протести затоа што е фрустрирана поради тоа што не е во власт, изјави премиерот Зоран Заев на прашањето да ги искоментири најавите за протестите.
„Поривот што го гледам од страна на опозицијата е една фрустрација зошто не се бивало власт. Значи без да дадат можност да тргнеме со работа без да видат колку ќе бидат успешни. Се гледа една грозотија од фрустрација зошто не се власт. И од тука произлегува целиот тој порив и сега ќе протестираме.“, рече Заев.
Организирањето масовни протести Мицкоски ги најави уште минатата недела по формирањето на Владата. Рече дека следува жешка есен во која силно ќе се борат против, како што ја нарече мафијашката коалиција и ќе организираат протести се додека не падне власта.