Во пресрет на состанокот на Европската политичка заедница што се одржува во Будимпешта, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на унгарскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Петер Сијарто, присуствувал на работен појадок на кој разменил мислења за актуелни глобални и европски политички прашања со шефови на дипломатии на други земји.
-Фокусот на дискусијата беше ставен на динамиката на евроатлантските интеграциски процеси и специфичните предизвици на секоја од земјите. Притоа, министрите се согласија дека интеграцијата во Европската Унија останува врвен приоритет, проследен со почитување на европските вредности. Во своето обраќање, министерот Муцунски го истакна долгиот евроинтеграциски пат што државата го изоди во изминатите две децении и говореше за кредибилноста на проширувањето, кое треба да се заснова на исполнување на реформската агенда, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Како дел од делегацијата предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот Муцунски попладнево ќе учествува на Самитот на Европската политичка заедница.
Како што информира Министерството, фокусот на самирот ќе биде ставен на теми како што се енергетската безбедност, економската сигурност и регионалното поврзување.