Под мотото „Освежи го својот дом“ денеска во комплексот „Борис Трајковски“ во Скопје е отворен Саемот на мебел 2024, кој ќе понуди саемски попусти од 40-тина изложувачи со над 70 претставени домашни и меѓународни брендови.
Сања Кондарко оперативен директор на проектот, изјави дека петте саемски денови заклучно со недела се исполнети со одлична саемска понуда. Посетителите имаат можност да добијат и бесплатен, професионален совет, од архитектонското студио Archx кое ќе биде дел од Саемот. Нивните архитекти на посетителите ќе им дадат соодветни решенија за опремување и дизајн на домот, ќе споделат совети за комбинирање на различни бои и материјали, насоки за максимално да го искористат нивниот простор со мебел со идеални димензии.
-Ги покануваме сите посетители кои сакаат да го обноват или да го освежат својот дом да дојдат и да ги искористат петте саемски денови, со посебни цени на експонатите, попусти, изненадувања и награди. На саемот имаме околу 40-тина изложувачи со повеќе од 70 претставени брендови – домашни производители и странски познати брендови во дрвната индустрија, додатоци за мебел, се што се однесува за домот во однос на ладење, греење, и мебел за дома, и се што се однесува за домот. Секоја индивидуална фирма има можност да понуди проекти за домот вели Кондарко.
Таа оцени дека интересот на компаниите за учество е на ниво на минатогодишниот саем. Бројот на изложувачи е истиот, но, вели, зголемена е квадратурата на која се претставени компаниите, односно присутни се со повеќе експонати.
Комерцијална банка АД Скопје повторно е партнер на Саемот на мебел и има свој штанд, со специјалната понудата на кредитни производи и картички како поддршка на посетителите за лесно и едноставно да го обезбедат посакуваното парче мебел.
Саемот ќе се одржува од денеска до недела со работно време од 10:00 до 20:00 часот, а во недела од 10:00 до 17:00 часот. Влезницата ќе чини 150 денари или 250 денари блок влезница за двајца, односно 100 денари за секој нареден член на семејството