23-годишната студентка Артина Ќазими од гостиварски Добри Дол, кандидатка на Алијанса за Албанците и Алтернатива е најмладата пратеничка во новиот собраниски состав и една од 43-те жени кои добија мандати на парламентарните избори. Иако партиите најавуваа родово порамноправен законодавен дом, овој пратенички состав има две жени помалку од претходниот состав и има 36 отсто женски пратеници, објави МКД.мк
Овие 36 отсто се на границата на законското ограничување според кое, на кандидатските листи мора да има една третина жени.
Што се однесува до возраста на пратениците, дури 16 од новите народни избраници се на возраст од 23 до 35 години. По Ќазими, најмладите се Бојан Стојаноски (28) од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Моника Зајкова (29) од Коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ и Јован Јаулески (29) од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.
Највозрасни пратеници се 72-годишните Стојан Миланов (ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата) и Илија Николовски (Коалиција „Можеме” предводена од СДСМ).
Инаку, просечната возраст на овој пратенички состав е 45 години.
Од стариот состав во новиот продолжуваат 28 пратеници, а тројца од нив, Али Ахмети, Мендух Тачи и Иван Стоилковиќ ќе го почнат нивниот седми пратенички мандат.