сабота, декември 14, 2024
-3.2 C
Skopje

Обновена дел од шумата околу Кочани што настрада во минатогодишните пожари

Јавното претпријатие „Национални шуми“ преку својата подружница „Осогово“ денеска ја организираше последната овогодишна акција за пошумување со која целосно обнови дел од шумскиот појас околу Кочани, што изгоре во минатогодишните катастрофални пожари.

Во акцијата што се реализираше во месноста Војновица кај кочанското село Бели, вработени во Општината и КЈП „Водовод“, како и припадници на Територијалната противпожарна единица – Кочани засадија над три илјади садници багрем на површина од два хектара.

-Денешната акција беше дел од планираните активности што ги реализираме во текот на годината, а со кои целосно обновивме над 40 хектари со шума на падините на Осоговските Планини. Покрај нашите вработени, во изминатиот период во пошумувањето се вклучија и вработени во приватни компании, волонтери од Црвениот крст, ученици од средните училишта и други граѓани. За да го намалиме оштетувањето на зимзелената шума поради појавата на штетникот боров четник, наместо бор засадивме близу 80 илјади млади садници од багрем, а делумно и од јавор и јасен, истакна Николчо Ефтимов, раководител на шумската подружница „Осогово“ – Кочани.

По обновувањето на изгорениот шумски појас на западниот дел околу Кочани, од почетокот на идната година активностите за пошумување ќе се префрлат на источната страна кај месноста Пресечена Скала, каде во пожарите настрада зимзелена шума на површина од над 150 хектари. На оваа локација наместо бор, исто така се планира да се засадат близу 300 илјади багремови садници.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови