Од ноќеска на полноќ малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 и на екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси (РКЕ).
По цена повисока за 1,5 денари по литар од ноќеска на полноќ ќе се продава и еуродизелот (Д-Е V).
Со новите цени еуросупер БС-95 ќе се продава за 78,50 денари по литар, Еуросупер БС-98 за 80,50 денари, а екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) ќе изнесува 67,50 денари, а еуродизел (Д-Е V) ќе се продава за 69 денари за литар.
Со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси за 0,551 денари поскапува и мазутот М-1 НС и еден килограм ќе чини 39,433 денари.
Од РКЕ велат дека со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,54 отсто, споредено со претходната одлука за утврдување на малопродажните цени на нафтените деривати и горива од 15 мај 2023 година.
„Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 1,182 отсто или за 9,150 долари за тон, кај дизелот зголемувањето е во просек за 1,847 отсто или за 12,450 долари за тон, кај екстра лесното масло зголемувањето е во просек за 1,231% или за 8,000 долари за тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 0,571 отсто или за 2,550 долари за тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно приспособување“, се наведува во образложението на одлуката на РКЕ.