Општина Кочани ќе добие финансиска и техничка поддршка од Европската Унија за реализација на проектот „Паметно мерење и управување на енергијата во системот за јавно осветлување“.
Со проектот Општината конкурираше на повикот за спроведување мали проекти во областа на енергетиката, климатската заштита и транспортот за општините во државата. Средствата се обезбедени во рамки на европската програма за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен Балкан и Турција, кофинансиран од ЕУ и Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ).
– Со проектот треба да се обезбеди модернизација во управувањето со енергијата што се користи за јавното осветлување. Целта е да се воспостави т.н. паметен систем за мерење и управување, со што ќе се постигнат заштеди и ефикасно искористување на струјата во мрежата за јавно осветлување на територијата на општината. Предвидено е да се направи надградба на постојните улични кабинети со смарт технологија која ќе овозможи вклучување одделни групи светилки преку соодветна опрема, а ќе се обезбеди и различен интензитет на светлина, односно потрошувачка на струја во различни периоди од ноќта, истакнаа од стручните служби во Општина Кочани.
Со прифаќањето на проектот, Општина Кочани ќе добие и советодавни услуги и стручна поддршка во процесот на Развој на акциски планови енергетски и климатски одржлив развој (SECAP). Истовремено, презема обврска да работи за намалување на емисијата на стакленички гасови за најмалку 40 проценти до 2030 година, како и да ја подобри отпорноста на влијанијата на климатските промени.