Со поставување на фотоволтаични централи Општина Струмица планира во иднина да ги задоволи во најголем дел сопствените потреби од струја.
Имено, на последната седница на Советот на општината, беа усвоени физибилити студии за две фотоволтаични централи со инсталиран капацитет од 406 киловат часови и 2,2 мегавати. Централите ќе ги поставува ЈПКД „Комуналец“ на објектите на Пречистителната станица и на Фабриката за вода.
Пред советниците беа презентирани бенефитите од оваа инвестиција и изработката на физибилити студии.
-Според пресметките со поставувањето на две фотоволтаични централи со струја ќе можат да се снабдуваат сите објекти што се во надлежност на општината, односно потребите од струја на општинските објекти ќе бидат покриени со 70 отсто, беше истакнато на презентацијата на физибилити студиите.
Инаку, за реализирање на физибилити студиите за поставување на фотоволтаични централи советниците донесоа одлука за започнување на постапка за кредитирање, односно обезбедување финансиски средства преку кредит.