Една недела пред верскиот празник Богојавление – Водици, нуркачите од Клубот за подводни дејности „Охрид“ и покрај врнежите од снег, вчера реализираа акција за чистење на дното на Охридското Езеро кај градското пристаниште, каде на 19 јануари се одржува традиционалното фаќање на крстот.
Во акцијата за отстранување на опасен отпад од езерото кој може да ја загрози и безбедноста на капачите, денеска учествуваа дваесетина нуркачи. Се чистеше потегот од Езерото кај „колцено“ и пред кејот од „Александрија“ до Капетанијата на пристаништата.
-Од езерското дно извадивме поголемо количество најразличен цврст отпад кој го одложивме на договорена локација на кејот од каде ќе го преземат екипите на ЈП „Охридски комуналец“ – велат од Клубот за подводни дејности „Охрид“.
Нуркачите од Клубот за подводни дејности „Охрид“ ќе бидат задолжени за безбедноста на капачите на празникот Водици. Тие упатија апел до сите кои на празникот ќе решат да се капат во студените езерски води да не консумираат алкохол и да ги почитуваат безбедносните правила.
Во рамки на свеченостите по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици, на 19.1.2025 година на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ е предвидена и богата музичка програма.
По церемонијата за фрлање на чесниот крст во водите на Охридско Езеро, за доброто празнично расположение, ќе се погрижат: Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски и групата ДНК, со композиции од музичкиот проект „Македонијо, во срце те носиме“.
На 20.1.2025 година, на Денот на рибарите на месноста Сараиште, со почеток во 12 часот, за музичката забава ќе бидат задолжени членовите на Охридскиот музички еснаф