вторник, ноември 5, 2024
4.8 C
Skopje

Пендаровски нема да ги кани партиите, ќе чека иницијатива од нив

Од вчера почнаа да течат десетте дена во кои политичките партии ќе се обидат да обезбедат мнозинство за формирање влада и за тоа да го известат претседателот на државата Стево Пендаровски, пишува Независен. Тој веќе најави дека нема да се однесува како екс претседателот Ѓорѓи Иванов кој се обидуваше да го опструира формирањето на претходната влада, поради несогласување со договорените политички услови. Во однос на најавата на претседателот дека ќе има консултации со партиите, од неговиот кабинет известија дека тие нема да се случат на негово барање, туку ако тоа го побара некоја од нив.

-Во однос на прашањето кога претседателот би имал средби со партиите, ќе го почекаме исходот од разговорите кои се во тек меѓу партиите кои имаат освоено пратеници во Собранието. Која било партија или коалиција од партии што ќе обезбеди мнозинство во Собранието може да побара разговор кај претседателот за да го информира за резултатот од политичките преговори, порачаа денес од кабинетот на Пендаровски.

Уставот предвидува претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Од она што се знае, ДПА прифати да биде дел од евентуалната идна влада на СДСМ, иако лидерот Зоран Заев не ја посочи на вчерашната прес конференција, споменувајќи ги како можни опции преговорите со Алијансата за Албанците, Алтернатива и ДУИ. Неофицијално ДУИ е во комуникација со ВМРО-ДПМНЕ и ја испитува таа опција, иако го стави Преспанскиот договор како своја црвена линија. Во комбинациите никој засега не ја споменува Левица, која со екстремните ставови по се изгледа е црвената линија за меѓународната заедница.

Независен Весник

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови