Проблемот со енергетската криза не може да се реши преку ноќ, потребни се системски решенија, оцени вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за клучните мерки што ги презема Северна Македонија во услови на текованата економскао-енергетска криза.
-Проблемите треба системски да се решаваат. Ако системски не се решаваат, проблемите се зголемуваат. Пример, сме зборувале за дигитализација со години, но, тоа било само, површински, а не суштински. Дигитализацијата бара суштинска промена на однесувањето на чинителите и на граѓаните. Ние не сме влегле во кој боло сегмент да го решаваме проблемот на начин на кој треба да го решаваме, рече Битиќи на конференцијата „Поглед подалеку“, што се одржа денеска во Скопје во организација на Обединетите нации.
Во однос на енергетската криза тој ја потенцира зависноста на земјата од увоз на енергија од 35 отсто.
-Во врска со енергетската криза сфаќаме дека производството е битно, но сме знаеле дека 35 отсто сме зависни од увоз на енергија. Тоа било убаво оти цената била добра. Штом доаѓа криза сите прашуваат зошто не се решава проблемот. Тој проблем не се решава преку ноќ. Проблемот е пак системски. Требало да почне да се решава пред 10 години и тоа во областа на алтернативните енергии. Зелената енергија. Ние сега со малку интервенции се обидуваме да ги враќаме „олдтајмерите“ во сообраќај. Но тоа не е решение. Решение е зелената енергија, транзиција кон зелена енергија, додаде вицепремиерот за економски прашања.
Заменик претставникот на УНИЦЕФ, Артур Ајвазов, посочи дека шоковите од растот на цените несразмерно ги погодуваат домаќинствата со повеќе деца и посиромашните семејства, поради нивните пониски приходи и поголемото учество на потрошувачката на храна и енергија во буџетот на нивните домаќинства. Зголемувањето на цените на храната им остава на овие семејства многу малку средства за подмирување на другите основни потреби. Ајвазов посочи дека Владата треба да размисли за дополнителни мерки со цел да го намали товарот врз децата и другите ранливи групи, вклучително и со проширување на пристапот и обемот на постоечките парични трансфери и да осигура дека буџетската криза нема да ги наруши основните услуги во здравствената и социјалната заштита и образованието.
Во обраќање на конференцијата, заменик регионалниот претставник на ФАО за Европа и Централна Азија, Набил Ганги, истакна дека од долгорочна перспектива, важно е да се разгледаат структурните причини за кризата со храна, а со цел подобар пристап во решавање на овој проблем треба да се прави разлика меѓу прашањата кои влијаат на пристапот до храна и прашањата кои се однесуваат на нејзината достапност.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, пак, на панелот за сиромаштија, раст и финансиските аспекти во рамки на конференцијата, укажа дека по справувањето со ковид-кризата во 2020-та и постигнатиот раст на економијата во 2021 година, оваа година економијата требаше да се справува дополнително со новите предизвици кои ги донесе војната во Украина со нови задолжувања. Во тој контекст, земјава во однос на финансирање на јавниот долг, меѓу другото, има на располагање повеќе инструменти, а еден од нив е и издавање на еврообврзница во долари издадена за американскиот пазар, што би било за нас прво искуство со мошне поволни камати, како и издавање обврзници за граѓани во кеш за тие што имаат девизи.
Гувернерката на НБРСМ, Анита Ангеловска – Бежоска, пак посочи, дека емпириски истражувања покажуваат оти добро развиениот финансиски систем може да го зголеми растот и до 1 процентен поен, но уште поважно и да ја намали сиромаштијата. Финансиските системи придонесуваат за поттикнување на заштедите и нивно насочување во инвестиции кои се важни за зголемување на обем на капитал и продуктивноста коишто пак се главни детерминанти на долгорочниот раст.
-Значењето на финансиите е особено големо во овие кризни околности кои ги потенцираат структурните слабости и потребата за зелена и дигитална трансформација на економијата. Кај нас позитивно е што кредитната поддршка за зелена трансформација расте, односно кредитите за ова намена во изминативе три години забележаа раст од 80 проценти, вели Ангеловска Бежоска.
Според Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, кризата најверојатно ќе продолжи и во 2023 година и тешко е да се предвиди во која насока ќе се развиваат работите.
-УНДП и другите агенции на ОН во земјата, заедно со другите развојни партнери се тука да ги поддржат институциите и граѓаните и да придонесат за јавниот дијалог и градењето консензус околу конкретните политики и други мерки кои ќе придонесат за справување со тековните развојни предизвици и влијанието на глобалната криза. Меѓутоа, сега имаме подобро разбирање за ранливостите и основните причини за кризата, внатрешните и надворешните фактори и предлагаме системски патишта како одговор на кризата. Една од работите на кои треба да се посвети внимание е сивата економија, која според истражувањата изнесува некаде околу 35 отсто, да влезе во системот, да се плаќаат даноци. Втора работа е поттик на малите и средни претпријатија и регионалната соработка, рече Григорјан.
Цел на агенциите на Обединетите нации, УНДП, ФАО и УНИЦЕФ, е заедно со националните и меѓународните партнери, да се изнајдат одржливи и долгорочни решенија кои ќе дадат одговор на потребите на ранливите групи и истовремено ќе подржат раст и развој, во услови на висока инфлација и скромни финансиски ресурси.