Пратениците во македонското Собрание денеска едногласно, со гласање на комисија, ги намалија коефициените на нивните плата од 3,04 на 2,69 и од 3,92 на 3,47. Според парламентарците, ова се прави со цел да се спречи непропорционалниот раст на нивните плати. Но, ваквото гласање не значи дека платите ќе им се намалат, туку само дека нема драстично да пораснат.
Платите на функционерите скокнаа за вртоглави 78 проценти во време на поранешната власт, по одлуката на Уставниот суд да ја укине двојната основица за пресметка, при што во јавноста се појави огромен револт кај граѓаните и синдикалните организации. И покрај најавите кои ги даваше во предизборниот период, ВМРО-ДПМНЕ по доаѓањето на власт не ги намали функционерските плати.
Платата на функционерите се пресметува така што просечната годишна плата од претходната година се множи со коефициент кој варира според сложеноста на работното место. Оваа методологија предизвикува енормно зголемување на функционерските плати и јаз меѓу нивните и платите на сите останати во државата, поради што беа предложени и измени на законот.
Ако не се донесеше вакво намалување на коефициентите, фунционерските плати ќе пораснеа од 8.000 до 20.000 денари. Со денеска усвоената одлука, нивните примања пак ќе пораснат, но за 3.000 до 6.000 илјади денари.