На најновите аукции државата се задолжи на вкупна сума од 18 милиони евра, а каматната стапка на тие обврзници достигна и до 5 и до 5,2 проценти. Тоа е веќе двојно повеќе од каматата која државата ја постигнала за своето задолжување дома во јануари годинава, кога каматната стапка на државните обврзници изнесувала 2,6 проценти.
Првата државна обврзница почнува да котира од денеска на Официјалниот пазар на потсегментот Берзанска котација. Станува збор за државни обврзници без девизна клаузула, а вредноста на емисијата е 757.520.000 денари, или 12,3 милиони евра. Тоа се 15 годишни обврзници, бидејќи се издадени на 17 претходниот месец, а датумот на нивното доспевање е 17 ноември 2037 година. Каматната стапка на оваа обврзница ќе биде 5 отсто.
Вториот вид на хартиите од вредност кои исто така со котација ќе почнат од денеска се државни обврзници без девизна клаузула. Вредноста на емисијата е 352.430.000 денари или 5,7 милиони евра.Обврзницата е издадена на први декември годинава, а датумот на доспевање и е исто така после 15 години. Нејзината каматна стапка е дури 5,2 проценти, која одамна не е запаметена за задолжувањето на државата на домашниот пазар.
Пред околу еден месец, пак, на берзанска котација дојде 15 годишна обврзница на сума од нешто над пет милиони евра. Нејзината каматна стапка беше 4,4 отсто, што тогаш се сметаше за многу висока стапка.
Според податоците од НБМ, пак, на крајот на октомври, каматите на новоодобрените кредити на граѓаните и фирмите доделени од банките, стигнале до ниво од 4,44 отсто, што е многу значајно зголемување кај оваа категорија во однос на претходниот месец, кога тие биле на ниво од 4,09 отсто, што значи порастот е за 0,35 процентни поени.