Останал ли ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски намерно во притвор два месеци? На „Твитер“ се објави видео во кое глас, кој наликувуа на оној на шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, вели дека Атанасовски два месеци бил „заборавен“ во притвор.
„Го држев два месеци и го заборавив. Го заборавив, буквално. Не. Го заборавив, намерно. Владимир Атанасовски, го ставив во притвор и го заборавив два месеци.“ – се слуша на аудио снимката.
Рускоска за ТВ 24 вели дека се работи за снимка од пред три години, а која била дел од доказите кои бизнисменот Јордан Камчев ги достави за случајот „Рекет“, но автентичноста треба да ја провери бидејќи поминало долго време од тогаш. За Атанасовски пак, вели дека не бил „заборавен во притвор“, бидејќи последниот збор за тоа кој останува во притвор, а кој не, го има Судот. Кажаното „заборавен“, според Рускоска, било во фигуративна смисла.
„Како заборавен? Ние даваме предлог за продолжување на притвор, а Судот оценува дали е основан предлогот за продолжување на притворот. Во тоа време интензивно се работеше на собирање докази за организаторите на 27 април. Нема шанса некој да биде „заборавен„ во притвор, затоа има заштитни механизми. Ако сум рекла „заборавен“, тоа е во фигуративна смисла.“ – вели Вилма Рускоска шефица на ОЈО ГОКК.
Став побаравме и од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, но тој не одговори ниту на повиците ниту на СМС пораката која му ја испративме, а без одговор останавме и на прашањата кои ги испративме до Основното јавно обвинителство.
Владимир Атанасовски, кој застана на чело на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање во септември 2016 година, доби шестогдишна затворска казна за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, за предметот „Организатори на 27 април“. За овој случај, судија на претходна постапка првпат му одреди мерка притвор во декември 2018 година.