Ви гарантирам дека нема ништо што е загрижувачко, рече обвинетата во предметот „Рекет“, Катица Јанева, во врска со снимките од УСБ-то на Зоран Милевски-Кичеец во кое тој разговара со Бојан Јовановски-Боки 13.
Вчера, за овие снимки обвинителката Вилма Русковска се согласи да бидат презентирани денеска, но таа утрово се премисли и препорача јавноста да се исклучи затоа што во снимките се спомнувале познати имиња.
– За да не им се наруши нивната чест и углед, предлагам да биде исклучена јавноста – рече Русковска.
На ова реагираа Јанева и Јовановски, како и адвокатите, но сепак судечкиот совет одлучи медиумите да ја напуштат судницата. Остри реакции упатија и новинарите поради неконзистентноста на обвинителката и на судечкиот совет, а најавија и дека за ваквиот однос ќе се пожалат во Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).