Административци во сметководство, правен сектор, сектор за наплата и човечки ресурси во Институтот за јавно здравје биле примани на работа од 2017 година наваму, без да полагаат задолжителен испит за административен службеник, покажа големата инспекција на Државниот управен инспекторат.
Како што дознава „Слободен печат“ извештајот од спроведената инспекција не е изготвен, ама инспекторот усно соопштил дека најверојатно лицата што биле незаконски вработувани ќе треба да ги враќаат парите од платите и да бидат отстранети од работа. Ова ги опфаќало само нововработените административци на последните огласи во ИЈЗ, затоа што дупките во законот ги „амнестирале“ тие со поран датум на вработување а кои исто така немале полагано испит за државен службеник. Најрано вработениот без полагање задолжителен испит за административен службеник бил вработен во 2017 година. Но, освен ова, деновиве на површина во ИЈЗ испливал уште еден скандал а тоа дека фирми што добавувале реагенси во Институтот а на кои им истекол (завршил) договорот за јавна набавка се јавувале во Институтот и барале од раководството да им бидат вратени парите од банкарската гаранција. Тие пари ги давале во Институтот за јавно здравје во кеш.
Испитот за административен службеник не е процедурална работа, туку законска обврска наведена во членот 40 од Законот за администрација. Испитот го организира и спроведува Агенцијата за администрација, која веќе е дел од голема истрага и скандал дека и таму имале вработени што за пари им помагале на административци да го положат испитот за административен службеник. Таа истрага беше на одделот за сузбивање сериозен и организиран криминал при МВР а четворица обвинети за местење испити во Агенцијата за администрација се спогодиле со Обвинителството, добиле правосилни осудителни пресуди.
Дел од вработените во Агенцијата за администрација што за пари им помагале на кандидати да го положат испитот за административен службеник беа осудени за злоупотреба на службената положба и овластување, за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание и имаат забрана за вршење професија. За да бидат фатени во делото, биле под посебни истражни мерки, односно следење на телефонските комуникации со судски налог.
Испитот за административен службеник се состои од стручен дел и дел за проверка на странски јазик. Дваесетина вработени во администрацијата во ИЈЗ не поминале низ овој задолжителен испитен процес.
Во стручниот дел од испитот, компјутерски се одговараат прашања со кои кандидатот треба да покаже знаење во областите уставен поредок на Македонија, систем на локална самоуправа, систем на управно право управна постапка и управен спор, општи прашања за вработените во јавниот сектор, права од работен однос на административните службеници и кодекс на административни службеници. Законот налага и компјутерски да се тестира познавањето на англискиот јазик.
Базата на прашања за стручниот дел од испитот за административен службеник се ажурира еднаш годишно. Во Институтот за јавно здравје според сознанија на „Слободен печат“ административците што немале положено испит, сепак добиле шифри со кои работеле од Агенцијата за администрација па се поставува прашањето како тоа било возможно.
Законот пак е дециден – код се добива после положен испит:
Во рок од 3 дена од денот на спроведувањето на испитот во согласност со освоените бодови од административната селекција и испитот, Комисијата подготвува и ја објавува на веб-страницата на Агенцијата ранг-листата со идентификациски кодови на кандидатите.
Испитот за административен службеник се полага во специјално опремена просторија со информатичка опрема, интернет врска, опрема за снимање на полагањето и дисплеј за објавување на резултатите со димензии најмалку 2 на 2 метри.
Државниот управен инспекторат влезе во Институтот за јавно здравје по анонимна пријава со наводи дека Институтот бил третиран како приватна фирма од страна на претходни раководни структури.
Управниот инспекторат ќе треба да утврди и дали се вистинити наводите во пријавата, дека „вработени добивале раководен коефициент“ односно дека „вработените добивале коефициенти кои не соодветствуваат за тоа работно место за кое биле претходно незаконски вработени“. Во пријавата се наведува и дека со години административните работници во ИЈЗ не биле оценувани ниту годишно ниту полугодишно.
Партијата ДУИ со писмена реакција обвини дека директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска водела дискриминаторска политика за исклучување на Албанците од ИЈЗ. Меѓутоа, информациите на „Слободен печат“ се дека на листата административни службеници во ИЈЗ без положен испит за административен службеник има и Македонци и Албанци.
Од првиот ден на нејзиниот мандат, Андоновска јасно ја покажува својата намера да го намали присуството на Албанците во оваа институција, започнувајќи со нивно разрешување од раководни позиции, нивно изолирање во посебни канцеларии и нивно нееднакво третирање во организацијата на работата. Оваа исклучувачка политика е неприфатлива и претставува директен напад врз еднаквоста и општествената кохезија, се вели во соопштението на ДУИ.
Потоа возвратија од ВМРО-ДПМНЕ од каде рекоа дека Андоновска става крај на криминалот што се правел во Институтот кој бил под раководство на ДУИ 15 години.
Криминалците се криминалци а ДУИ тоа го покажува секој ден, па и во реакцијата кон директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска која отворено се бори против затекнатиот братски криминал на ДУИ и СДСМ. Денес тие реагираат против директорката Марија Андоновска која спречи и исправи членови на ДУИ и СДСМ да седат дома, не одат на работа, а земаат плата, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.