Утре со почеток од шест часот наутро, приватните превозници ќе гоблокираат сообраќајот од кај семафорите кај Влада во правец на МИ-ДА и обратно, а околу 200 автобуси ќе бидат паркирани пред Градското Собрание за да и се докаже на Данела Арсовска дека тие имаат многу повеќе возила од тоа што таа го тврди.
Ова го најави директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски кој додаде дека ќе биде блокирана само десната лента на булеварот „Илинден“. Причина за блокадите е што приватните превозници не постигнале договор со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и со ЈСП за исплата на долгот кој го бараат тие.
– Верувајте, имам работа со луѓе кои се разумни, добро ја разбираат ситуацијата и не сакаат да направат проблеми. Добивме известување од директорот на „Златно Славејче“ дека ќе се одржува фестивал и не замоли да го одложиме протестот или да најдеме друг начин. Тоа е емпатија на која не може да не одолеете. Некои граѓани ни рекоа дека е подобро да се прави протест кај Градско Собрание.
Не можеме да кажеме, ќе покаже утрешниот ден и од резултатот ќе зависи дали ќе има блокади во текот на викендот и почетокот на следната недела. Ако не сака да седне маса Арсовска и ако навистина таа се залага за јавниот интерес, покрај сите зборови, во интерес на тој јавен интерес, треба да седнеме и да најдеме решение – рече Јовановски.
Ако нема исход од средбата, ќе се блокираат и крстосниците кај ТЦ Мавровка и кај Црвен Крст, а има најави дека ќе се радикализираат протестите ако нема договор во скоро време.