Генералниот секретар на НАТО информира дека Алијансата обезбедила 60 респиратори во вредност од 1,4 милони евра како помош за јавното здравство на Македонија.
Премиерот Зоран Заев, вчера беше во прва официјална посета на Брисел по неговиот реизбор. Тој го посети седиштето на Северноатланскиот сојуз (НАТО) каде Македонија и формално е членка од март годинава. На заедничката прес-конференција со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, Заев истакна дека оваа прва официјална посета на НАТО е доказ за тоа колку Македонија го цени своето членство во оваа организација, остварено во екот на здравствената криза во март. Столтенберг, пак, од друга страна му се заблагодари на шефот на македонската влада, за учеството во мисиите на НАТО како и за заложбата до 2024 Македонија да одвои два отсто од својот буџет за одбраната, како што бара Алијансата од сите свои членки.
НАТО ќе ѝ донира на Македонија 60 респиратори
Столтенберг информира дека Алијансата обезбедила 60 респиратори во вредност од 1,4 милони евра како помош за јавното здравство на Македонија.
-Денес можам да објавам дека Северна Македонија ќе добие пакет помош за справување со пандемијата на ковид-19, од новите залихи ќе се издвојат 60 респиратори и друга итно потребна опрема, ова е солидарноста на НАТО на дело – изјави Столтенберг на прес- конференцијата.
Шефот на Алијансата увери дека таа ќе продолжи да ги мобилизира своите воени капацитети за поддршка кон цивилните напори во борбата против вирусот, како што го правеше тоа и до сега, со обезбедување полски болници, транспорт на опрема и на пациенти кога тоа е потребно.
-НАТО е тука да им помогне на сојузниците и тимот на НАТО нема да дозволи здравствената криза да се претвори во безбедносна криза, рече Столтенберг, потсетувајќи дека, додека трае оваа криза, не исчезнуваат другите предизвици со кои се соочува Алијансата, како хибридните и сајбер нападите, меѓу другото.
Премиерот Заев го увери Генералниот секретар на Алијансата дека Македонија ќе продолжи да придонесува за глобалната и регионалната безбедност преку учество во мисиите и зголемување на одбранбениот буџет, постепено, за да ги постигне два отсто од БДП во следните три години, како и да се зголеми капацитетот на армијата, нејзините професионални стандарди и интероперабилноста со сојузниците на НАТО.
-Нашето членство во НАТО е добро за безбедноста на регионот, Балканот не е изолиран остров, нагласи премиерот Заев, и додаде дека Северна Македонија ќе биде промотер на регионалната, економската и одбранбената соработка.
Следува сериозна сертификација во рамки на процедурата во членството во НАТО
Премиерот Заев нагласи и дека во следниот период следи сериозна сертификација што земјава треба да ја помине како процес, во рамки на процедурата во членството во НАТО.
– Тоа е многу важно за безбедноста на нашиот народ и на нашата земја, но важно е и за безбедноста на целиот регион и на сите наши партнери и генерално на Алијансата. Ние веќе поминавме одредени фази на сертификација што беше неопходна уште пред нашето полноправно членство во НАТО, за одредени категории на луѓе кои работеа со документите – посочи премиерот.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, во одговор на новинарско прашање дали има проблем со одобрувањето на воениот претставник на Македонија во НАТО, побарано пред околу десет месеци, рече дека Алијансата има стандарди и упатства и секогаш кога има нова членка, има процедури што треба да се поминат.
-Имаме процес на одобрување или ветинг и тоа трае извесно време додека сите практични прашања да се спроведат. Се држиме до временската рамка, работиме на решавање на преостанатите прашања. Она што е најважно е дека Северна Македонија сега е членка на Алијансата, дека учествува во сите одлуки, седи на масата како рамноправна членка, има рамноправен глас како сите сојузници. Кога учествуваме на министерски состаноци и Северна Македонија е таму заедно со сите земји членки. Кога имаме одбранбен министерски состанок, министерката Радмила Шекеринска ќе биде таму заедно со сите други и таа ќе учествува како полноправна членка. Практични прашања секогаш може да има, но ќе ги решаваме во од, истакна Столтенберг.