вторник, декември 3, 2024
5.8 C
Skopje

Стратегија и легислатива во борбата против корупцијата постои, но праксата во институциите мора сами да ја креираме

Од 2021 година имаме сеопфатна државна стратегија за борба против корупцијата, една од ретките која што ја усвои Собранието, но веќе имаме и сигнал дека е јасно оти не е се до стратешките документи, туку е до праксата која што ја применуваме во институциите, изјави денеска директорката на Институт за европска политика, Симонида Кацарска.

Според Кацарска, очигледно е дека постои грижа кај партнерите однадвор за она што е постигнато во контекст на борбата против корупцијата, посочувајќи дека ние ги имаме бројните институции веќе многу време и дека се очекува многу посеопфатно да се бори државата со овој проблем од она што е во моментов случај.

– Ние немаме доволно бројки на високо профилирани случаи против корупција, често пати затајуваат процесите и во однос на должината. Не само од американската амбасадорка, чувме сигнали и од многу други амбасадори, дека оваа пракса треба да се промени, порача Кацарска, одговарајќи на новинарски прашања пред отворањето на завршната конференција „Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017 – 2022): Достигнувања, научени лекции и препораки“, во организација на Блупринг групата.

Во однос на Извештајот за спроведувањето на стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017–2022 година на Блупринт групата за реформи во правосудството и како да се подобри состојбата со новата Стратегија, Кацарска  рече дека веројатно најцелисходно би било новата стратегија да кореспондира со она што е планирано во Стратегијата за борба против корупција која што ја усвои Собранието.

– Мислам дека тука е фокусот и она што го слушаме делумно и од ДКСК дека сите треба да се посветиме на различните области во коишто таа има јасни индикатори, една е од подобрите коишто беа носени во инклузивен процес, изјави Кацарска.

Кацарска, исто така, посочи дека и денешната дискусија се организира со цел да ги дадат своите проценки во различните области на стратегијата за тоа каде би требало да се движи понатаму процесот, со оглед дека годинава треба да се подготви нова стратегија, што е особено важно, бидејќи државата минатата недела го заврши билатералниот скрининг со ЕУ во контекст на функционирањето на демократските институти, каде што се наоѓа Поглавјето 23.

– Тоа е воедно поглавјето во кое се третира и борбата против корупцијата и како такво знаеме дека ќе има особено значење врз сите други поглавја во процесот, нагласи Кацарска.

Стратегијата за реформи во правосудството, според Кацарска, веројатно придонела да утврдиме дека и во делот на правосудството, па и во борбата против корупцијата легислативата постои, но сепак ние мораме да си ја креираме внатре праксата и нашите правила согласно најдобрите практики од ЕУ.

За тоа што треба да биде сменето при носењето на новата стратегија, Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“, смета дека критиките првенствено треба да бидат слушнати и за да лоцираме каде точно во праксата ние имаме проблеми со корупцијата и кои се изворите на проблемите со корупција во судството.

– Откако ќе се увидат тие состојби потребно е креирањето нова стратегија да биде многу потемелно, да биде многу посоодветно планирањето изведено и да се посвети внимание на тој процес за да не се доведеме во ситуација повторно да имаме некаква стратегија или реформи кои во праксата нема да дадат никаков видлив резултат, изјави Аврамовски.

Еден од проблемите, посочи Аврамовски, е што ниту една институција не сака да преземе одговорност при што проблемите за корупција секогаш ги гледа како екстерни фактори коишто доаѓаат од надвор и неминовно влијаат врз нив.

– Институциите треба да бидат многу повеќе самокритични и да пробаат да го средат она што е во нивниот домен, па дури потоа да се премине на таквото барање од други институции да преземат некои чекори коишто би им помогнале да ја увидат, да ја утврдат состојбата, изјави Аврамовски.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови