Никој не смее политички да поентира на едно сензитивно прашање, изјави на денешната прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче за разрешувањето на Арбен Зибери, директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје
Тој ги отфрли обвинувањата од Зибери дека разрешувањето било со политичка позадина и се случило во моменти кога неговиот чичко е кандидат за прв премиер Албанец.
„Апсолутно сакам да го демантирам тоа. Разрешувањето следи после неговата изјава во однос на работата на Комисијата, со што сметам дека го поткопа угледот на членовите на Комисијата за заразни болести, кои работеа водејќи се од професионални принципи. Сметам дека апсолутно никој не смее да политизира, ниту да добива политички поени на едно такво сензитивно прашање“, изјави Филипче.
Министерот Филипче денеска го разреши Зибери од функцијата, откако тој се пофали дека издејствувал Комисијата за заразни болести да предложи отворање на границите со цел да се вратат иселениците и да гласаат за прв премиер Албанец.