четврток, декември 5, 2024
6.8 C
Skopje

Четири години од потпишувањето на Договорот од Преспа

Малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, кое можеби пред четири години и не беше толку познато за јавноста, од 17 јуни 2018 година стана симбол и асоцијација за Договорот од Преспа, откако токму таму беше потпишан договорот кој многумина го сметаат за историски, но и модел за мирно решавање на споровите, бидејќи стави крај на речиси 30 годишниот спор меѓу две соседни земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во двете земји, Договорот, на 12 февруари 2019 година, стапи во сила.

Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.

Договорот од Преспа го отвори патот за интеграција на нашата земја во евро- атлантските институции, но и го подигна нивото на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Грција.

Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО и сега веќе со Грција се сојузници во Алијансата, а токму грчките воени авиони се одговорни за надгледување на македонскиот воздушен простор.

Паралелно Преспа ги одмрзна односите меѓу двете земји и четири години подоцна се на завидно ниво, како од политички, така и од економски аспект. Во изминатите четири години односите меѓу двете соседни земји се значително подобрени, без разлика на промената на власта во Грција и промените во македонската Влада.

Грција е еден од најсилните поддржувачи на европската перспектива на земјата, нешто што и јавно во изминатиот период го истакнуваа претставници на грчкиот државен врв.

 

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови