вторник, февруари 11, 2025
8.8 C
Skopje

Јануарската пензија повисока за 722 денари

Пензионерите ќе добијат за 722 денари повисока јануарска пензија. Вицепремиерката за економија Мила Царовска вели дека покачувањето се должи на зголемените приходи во Фондот за пензиско осигурување од страна на вработените лица. Одлуката на Владата да ги зголеми пензиите на два месеци пред изборите, не треба да се сфати како предизборен поткуп на лицата од третата доба, туку тоа било резултат на реформата на пензискиот фонд, тврди Царовска.

„Реформата која што сме ја воделе, за која сите беа скептици мора да кажеме ги даде резултатите. И може да зборуваме дека ако навистина имаме раст на приходите кај работоспособното население, мора да одговориме на барањата на пензионерите.“-изјави Мила Царовска, вицепремиер за економија.

Соодносот помеѓу вработените и пензионерите во моментов според директорот на Фондот Шаип Зенељи, е 1,8 вработени кои обезбедуваат месечен приход за еден пензионер. Буџетската дупка во Фондот за пензиско осигурување би ја немало само во случај кога тој сооднос би бил три вработени наспроти еден пензионер.

„Стабилизацијата на работењето на Фондот на ПИОМ во 2019 – та година се должи на растот на придонеси за пензиско осигурување, од 18 на 18,4 отсто од кои 12,4 отсто остануваат во фондот во првиот столб, а додека на шест отсто се врши распределба во приватните пензиски друштва“-рече Шаип Зенељи, директор на фондот за пензиско осигурување.

Нешто повеќе од 300 илјади пензионери ќе го добијат покачувањето на пензиите од над 700 денари. Пресметките велат дека месечно растот на пензиите дополнително ќе чини речиси четири милиони евра, а на годишно ниво ќе биде потребно да се обезбедат околу 46 милиони евра. Претходното зголемување на пензиите се случи кон средината на ланската година кога минималната пензија се зголеми за 36 денари, а пак просечната за 63 денари. Во моментов просечната пензија изнесува 15.500 денари.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови