Комисијата за здраство и уставната комсија одат во рацете на ДУИ, останува спорно само дали ќе ја добијат комисијата за Европски прашања, за која водат битка со БЕСА или ќе се задоволат со комисијата за образование, ова денес го потврди координаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити, кој напомена дека на неговата партија и следуваат три собраниски комисии, по осум на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а по две за Алијанса на Албанците и Алтернатива.
„По дифолт, претседателот на Собранието ќе раководи со Уставната комисија. ДУИ ќе раководи и со Комисијата за здравство, а дилемата е дали ДУИ ќе раководи и со Комисијата за европски прашања или со Комисијата за образование,било која од оваа ќе дадеме придонес.“ – истакна пратеникот Меџити.
Меџити потврди дека постои парламентарно мнозинство за подготовка и закажување на следната собраниска седница, на која што комисиите ќе бидат избрани, иако пратеникот Арбен Зибери е во изолација, а празно е и пратеничкото столче кое поради министерското место го остави пратеничката Јагода Шахпаска од СДСМ.
И премиерот Зоран Заев, денес изјави дека мнозинството во Парламентот е стабилно и очекува во текот на следните денови Собранието да направи верификација на мандатот на следниот пратеник на листата по Јагода Шапхапска за да оформената коалиција од 62 пратеника биде потврдена комплентно.
За пратеникот Исмаил Јахоски, кој на сајтот на Собранието, е ставен во групата на независни пратеници, Меџити рече дека станува збор за техничка грешка која се надева дека ќе биде поправена.
– Тој беше неколку мандати градоначалник на ДУИ во Пласница. Сега е пратеник во нашата парламентарна група и секојдневно сме во комуникација за сите активности
Пратеникот, Јахоски, кој е на одмор во Албанија, во кус разговор за ТВ 24, изјави дека не му е познато тоа што се пишува по порталите и потврди дека и понатаму останува да делува како пратеник од редовите на ДУИ.
„Не сум јас таму, значи не знам што се случува, слушам што пишувате по сите тие портали, значи нема тоа врска.“ – изјави Јахоски.
Собранието, конститутивната седница ја одржа на 4ти август, а Владата беше избрана на 30 август, и по повеќе од месец дена од конституирањето, се уште се чека на формирање на собраниските комисии и создавање на услови за целосна функционалност на парламентот и почеток на редовните седници.