Apple ја загуби позицијата како највредна компанија во светот

19

За прв пат по две години „Арамко“, производителот на нафта и гас од Саудиска Арабија, го замени „ајфон“ на првото место на највредните компании во светот, пишува Би-би-си.

Инвеститорите ги продадоа акциите на технолошките компании и се префрлија на, како што веруваат, помалку ризични средства.

Биткоинот и другите големи криптовалути, исто така, продолжија нагло да паѓаат.

Акциите на Apple паднаа за повеќе од 5 отсто во средата во Њујорк за да го завршат трговскиот ден со берзанска вредност од 2,37 трилиони долари (1,94 трилиони фунти).

Така оваа компанија ја загуби позицијата на највредна во светот, а на нејзино место дојде производителот на нафта и гас „Арамко“ чија вредност беше 2,42 трилиони долари.

Пазарната капитализација на компаниите во последно време често флуктуира. Претходно оваа година, Apple достигна 3,0 трилиони долари, со што стана првиот што го направил тоа, што го прави убедливо највредната компанија на планетата. Во меѓувреме, акциите на Apple паднаа за речиси 20 отсто од почетокот на годината по распродажбата на технолошките акции.

„Арамко“ се стекна со титулата највредна компанија во светот по историската иницијална јавна понуда во 2019 година, со која нејзината вредност се искачи на 2,0 трилиони долари, пренесува Танјуг.

Ова е првпат од 2020 година „Арамко“ да го заземе првото место. Акциите на енергетските компании пораснаа оваа година поради поскапувањето на суровата нафта и природниот гас.

Најновите пазарни трендови упатуваат на заклучок дека има неодамнешна промена во перцепцијата за деловните перспективи на производителите на енергенси и технологии.

Цените на нафтата скокнаа на рекордно ниво оваа година, особено поради загриженоста за прекинот на испораките од Русија по нејзиниот напад врз Украина.

Европската нафта Брент, глобална референца за формирање на цените на другите видови нафта на светските берзи, годинава порасна за околу 36 отсто, а според последните достапни податоци се тргува по цена од 105,2 долари за барел.

Тоа ги поттикна инвеститорите да се свртат кон инвестирање во нафтените играчи како што е Арамко, чии акции пораснаа за 27 отсто во 2022 година.

Зголемените цени се најголемата закана за закрепнувањето на глобалната економија по излегувањето од пандемијата Ковид-19.

Централните банки ширум светот одговорија на овој проблем со зголемување на каматните стапки, предизвикувајќи оддалечување од поризични инвестиции поради загриженоста дека повисоките трошоци за задолжување ќе го забават економскиот раст.

Преминот од ризичните средства, исто така, помогна да се задржи цената на биткоинот под 27.000 долари.

Најголемата и најпозната криптовалута во светот сега изгуби околу 60 отсто од својата вредност откако достигна рекордна вредност во ноември минатата година.