Bo Портланд урната статуа од првиот американски претседател Џорџ Вашингтон бидејќи поседувал робови

Статуата на Џорџ Вашингтон во Портланд беше урната ноќта во пресрет на 19 јуни, празник со кој се одбележува ослободувањето на робовите.

25

Ова го објави Си-би-ес потсетувајќи дека првиот американски претседател поседувал робови.

Протести во Портланд се одржаа 21. вечер по ред поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд за време на полициско апсење во Минеаполис.

За време на протестот, толпа демонстранти првин ја обвиле бронзената статуа на Вашингтон во американското знаме, а потоа ја запалиле.

Демонстрантите потоа на споменикот испишале „1619“ во црвена боја, што е годината во која се верува дека првите африкански робови пристигнале во Соединетите Американски Држави. Статуата потоа била урната од постаментот и оставена да лежи со лицето надолу. Џорџ Вашингтон е првиот претседател на САД и еден од татковците на нацијата, кој ја водел земјата помеѓу 1789 и 1797 година.

За време на протестите поради смртта на Флојд во САД, но и во други земји, почна бран акции за отстранување споменици од колонијалната ера.

Многубројни статуи на личности од историјата поврзани со робовладетелскиот систем беа отстранети и вандализирани, а уништени се и неколку споменици на истражувачот Христофор Колумбо.