EУ Скопје за ТВ21: Немаме добиено писмо, Османи во одбрана на Арифи: Никогаш немали испратено предлог за неа

2

Министерот Бујар Османи децидно ги отфрла информациите дека поранешната градоначалничка на Тетово од редовите на ДУИ Теута Арифи биле одбиени агремани за било која држава за нејзино именување за амбасадор. Тој дури ги нарече и лажни вести пишувањата во одредени медиуми за тоа дека имало одбивање на агремани. Според него, имало размислувања за Вашингтон и Брисел, но немало и предлог.

„Никогаш немало предлог за Теута Арифи за Вашингтон за да биде одбиена. Никогаш немало формализиран предлог за Теута Арифи за Брисел. Имало размислувања, но никогаш формализиран предлог за да биде пратен во Брисел. И три дена се спомнува име се спомнуваат места се спомнуваат дека се одбиени агремани и покрај тоа што за едното пуштивме соопштение, за второто не ни бев прашан“, рече Османи.

ТВ 21 испрати прашање до Канцеларијата на ЕУ во Скопје за тоа дали има предлог за Арифи за амбасадор во Брисел, од каде кратко одговорија дека немаат добиено писмо.

„ЕУ нема примено официјално писмо за агреман, за смена на актуелниот шеф на мисијата од Владата на Северна Македонија“, велат од канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Сепак неофицијално дипломатски извори посочуваат дека не се праќа веднаш предлог за амбасадор во одредена земја, туку најпрво се праќа мислење, а доколку тоа мислење биде одобрено тогаш се испраќа и официјален предлог. Истите извори додаваат и дека за Анкара било одбиено мислењето поради поврзаноста на Арифи со колеџот Јахја Кемал во земјава кој пак е во тесна врска со Фетулах Ѓулен. Османи исто така тврди дека немало предлог за Арифи за Анкара.

„Никогаш немало предлог за Теута Арифи за Анкара. Никогаш немало ниту размислување, а вчера не само помали медиуми, меинстрим медиуми кои што создаваат јавно мислење врз основа на кои луѓето создаваат впечаток за процесите тоа го кажуваат без воопшто да побараат став од Министерството за надворешни работи. Никогаш не било пратено барање за агреман за било која држава за госпоѓа Теута Арифи“, рече Османи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците со критики за наводните предлози за Арифи да биде поставена за амбасадор. Оттаму велат дека тоа би било штетен сигнал за правдата и дека со тоа екс градоначалничката би добила дипломатски имунитет и нема да одговара за незаконското работење во општина Тетово. Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ укажува дека и самиот лидер на ДУИ Али Ахмети неодамна потврдил дека Арифи е предложена за амбасадор во ЕУ и притоа ја пофалил дека може да даде сериозен придонес.