ESTAGFIRULLAH / ПРОСТИ МИ БОЖЕ

417

Што значи да бидеш голем човек? Значи да бидеш скромен. Значи да правиш добри дела ама да не се фалиш со нив. Да нахраниш сиромав ама да не се сликаш со него за Фејсбук. Да помогнеш некому ама да си молчиш. Да облечеш сиромашно дете, ама да не бараш да ти баци рака. Што по малечок си, тоа си се поголем. Ама ти тоа не можеш изгледа да го разбереш. Не можеш, затоа што мал си во мозокот, а голем во ‘‘чаламот‘‘

Од Агим ЈОНУЗ

Оваа колумна не се однесува на сите верници. Кој ке се пронајде себе си во ова што е напишано, апсолутно негов проблем. Тоа само ке ја потврди мојата теза. Помина и Рамазан и Бајрам и Велигден со сите адети. Народот никогаш не бил по религиозен, а никогаш повеќе немало зло во секојдневјето. Религијата стана страшен маскенбал за оние кои својот вистински лик го кријат зад возвишените зборови во светите книги. Модерно е луѓето да се истакнуваат кој е поголем верник. За тоа дури се фрлаат големи пари кои во голем дел се нечесно заработени, само за да се остави впечаток дека некој му е поблизок на господ, затоа што овој му овозможил од фукара да стане милионер. Монструми сокриени зад господ и адетите кои сјаат со лажен сјај. Што се случува. Јас сум Муслиман ‘‘Елхамудулах‘‘ и не пишувам ништо против религијата во колумнава. Против ниедна. Ја почитувам религијата, но не и луѓето во новото време. Во суштина не пишувам против никого, туку против еден феномен кој е се поголем. Него го има и кај муслиманите и кај христијаните. Религијата, посебно монотеизмот декларира дека постои само еден бог во кој сите веруваме, така да ако сме сите божји деца, ова се однесува на сите нас. И на турско и на каурско, како што јас милувам да кажам кога зборувам за ‘‘ ваши-наши‘‘. Тоа е фигуративно. Како никогаш од кога знам за себе џамиите и црквите не биле по полни, никогаш немало повеќе ‘‘големи верници‘‘ како сега. Убаво е да се види од страна како некој си ја негува традицијата и религиозната култура. Каде е трагедијата? Многу едноставно. Како никогаш повеќе немало толку многу лицемерие, толку хипокризија! Толку лошотилок. Толкав распад на елементарниото правило да се биде човек.

Да цитирам еден пријател кој вика дека најголемиот дел од луѓето одат во црква или џамија како во перална за коли за да си ги измијат гревовите, па онака чисти пред бога да можат да прават нови. Распад на се што е човечко, а  цело време со господ. Религијата не учи да бидеме скромни, мирољубиви, милостиви и умни. Далеку од тоа дека такви верници нема, но, зборуваме за една голема маса која не излага ни од црква ни од џамија, а го срамат господ на секое ќуше. Знам една бројка од најголеми преваранти кои господ не го вадат од уста. Обично тие се најголемите верници ако се гледа по тоа како глумат еснафи, само да се остави впечаток дека се со гарантирана карта за во рајот. Аман! Мој совет е дека ако видиш некој да не го вади господ од уста и се колне цело време во него, бегај што подалеку! На оној што секој втор збор му е ‘‘ жими господ‘‘, тој има некој сериозен проблем. Тука не мислам на муслиманите само, туку и на христијаните. Да не набројувам колкави парадокси во секојдневието гледаме кои немаат ни со господ ни со ќитапот ама баш никаква врска. Напротив. Она што е најстрашно, се создаде една сериозно критична маса која зад закрила на религијата креира модел на живот и секојдневие во кое ако не си ‘‘ адекватен модел‘‘, тогаш си безбожник (Ќафир). А, ако си ќафир, тогаш ти не вредиш ни пет пари како човек. Алооо! Па дваесет и први век е! По кој критериум ти мене ви велиш дали јас вредам како човек или не! По твојот преварантски? Она што е уште пострашно, е создавање на апсолутно биполарен амбиент во државата кој во даден момент може да се инструментализира ( он веќе е!) за разни потреби. И тоа се во име на Господ. Аман бе! Не сакам ниту да помислам за какви се цели може да се употреби тој биполарен амбиент. И џамијата и црквата како никогаш порано ги зацврстуваат своите позиции во рајата. Затоа велам “Estagfirullah” што во превод значи прости ми боже ако грешам. И оџите и поповите, веќе одамна имаат свои приватни војски олицетворени во фанатици кои задскриени зад религијата спремни се токму  на она што баш господ им забранува. А тоа е да дигнат рака едни на други ‘‘ ако затреба‘‘. Да не набројуваме колку лажни вредности има во секојдневието на тие ‘‘големи верници‘‘. Со еден фигуративен јазик речено, сигурен сум дека кога господ би се симнал на земјата за дваесет и четри часа ‘‘би дигнал на клоци‘‘ барем две третини од сите тие големи верници. Estagfirullah! На една третина,.. секоја чест! И кај турци и кај каури. Ама, таквите верници не можеш ни да ги приметиш во секојдневието. Тие се тивки и повлечени луѓе кои не  дигаат чалам, ниту се борат да ги знае народ дека се големи верници, зошто нив не им треба господ ни за бизнис ни за углед. Господ им треба за себе, а не за публика. Како и да е, нека е на арно ако вака продолжи тенденцијата на инструментализација на религијата. Македонија е фантастична подлога за конфликти на религиозна основа. Да биде ситуацијата уште по карактеристична во ова наше проклето политичко секојдневие, религиозната поделеност е токму меѓу албанците и македонците. Во светот на антагонизмите и потенцијални конфликтни ситуации, во нашето поднебје религиозниот момент е како создаден да се ‘‘создаде непријател‘‘ ако е тоа потребно некому. А, тогаш, ќе се создаде уште еден и уште поголем парадокс. Оние, вистинските верници ке повикуваат на мир и подадена рака, а оние ‘‘најголемите верници‘‘ ќе повикуваат на крв! И каде е сега тука господ? Дали да констатираме дека и господ е веќе во рацете на политичарите!? Estagfirullah! Така испаѓа! Сведоци ли сме на отворени примери на повикување на верски свештеници за политички цели? Да! Од двете страни. И што можеме да очекуваме ако во даден момент некој рече ‘‘пукај‘‘! Не сакам ни да помислам.

Имаш од една страна Господ, од друга манипулатори ( читај црква и џамија), од трета примитивен народ, и од четврта геополитика на која сево ова и треба. Македонија не е апсолутно ништо подобра ливада за случувања какви што беа во Босна. По ова прашање, лично сметам дека сме потенцијална  ‘‘Јужна Босна‘‘! И повторно, Estagfirullah!Токму една од поентите за анализа во колумнава е феноменот на Југославија пред да се распадне. Онаа иста Југославија која преку Босна покажа како изгледа кога течат реки крв. Ако земеме во предвид дека паралелата некому изгледа смешна, ајде да се обидеме да поставиме некои прашања на кои треба одговор да дадат баш најголемите верници, мегапатриоти, бизнисмените, политичарите и сите оние кои сметаат дека овака државата ке ни трае вечно. Ма, ке трае онакво мое поголемо вака. Ние сме во Македонија апсолутно во иста ситуација како Југославија пред да се распадне. Погледајте ги структурите не општеството и дајте ми барем еден елемент или ниво на кое нешто функционира. Значи, да заборавиме дека сме во НАТО, кое е единствениот барем декларативен гарант за сефкупноста на територијата и зацртаните граници. Имајте во предвид дека во даден момент ние на НАТО може да му бидеме само едно фудбалско игралиште на кое може да шутираат топки колку сакаат и како сакаат без да им е жал што ке ја исушат тревата. Ние сме за НАТО најобична ливада!

Ако во даден момент биде тоа некому потребно, а за цели на дестабилизација, колку и да е Македонија успешна или неуспешна држава, религиозниот моментум може да создаде хаос. Секако, тоа не се однесува на целата популација затоа што во Македонија има и паметни луѓе, но, ако се разгори тој оган, последиците може да бидат непредвидливи. Тоа го контролира  не само домашниот религиозен естаблишмент, туку секако работат и панисламитички, ватикански, па и ортодоксни кругови. А сите нив секако ги контролира и ЦИА, како шеф на кујната кој ако затреба само ќе додаде сол на ионака живата рана на поделеност во народот. Македонија е секуларна држава во која религијата е одвоена од државата. Ок! Но, тоа е декларативно. Реално и на терен, влијанието на религијата е од круцијален карактер ако се земе просекот на свеста на народот базирана на традиција, полуписменост, полупримитивизам и еуфорија на млада држава која сеуште смета дека религијата е една од носителите на државноста. Ало, религијата во секуларни држави е чисто приватна работа. Во Македонија, за која како држава можеме да кажеме дека ‘‘Де Јуре‘‘ е сосема во ред, но ‘‘ Де факто‘‘ е пред распад, опасноста на верскиот фанатизам многу лесно може да прејде во радикализам, ако се земе во предвид дека имаш гладен и очаен народ, на кој многу лесно можеш да му испереш мозок ( а тоа се прави) дека оној што не е во ‘‘твојата вера‘‘ ти е најцрн душман. Има една српска фраза која во комунизмот се употребуваше и викаше ‘‘ Хоџе и Попови су највечи лопови‘‘. Тоа секако го цитирам на шеговит начин, но да се потсетиме дека во лоповска држава како што е Македонија, во корупција, нефункционалност, уште кога ке се умешаат ‘‘ Хоџе и Попови‘‘, народот ке се најде на една ливада на која нема да знае која река тече угоре, а која удоле! Арно ама, таа формула за сега функционира на едно ниво кое некому носи фантастичен бенефит. Не е се во парите на тоа ниво, иако ги има, ама најголемиот ќар е во еден елемент кој се вика ‘‘ контрола на умот и народот. Најмногу се во мода денеска мегапатриотите, мегаверниците, мега ‘‘чесните‘‘ и мега еснафите. За жал, вистината вели дека токму тие се на тапет пред сите закони на државата. Лоповите и манипулаторите ќе ги осудат на затвор, ама што правиме со оние ‘‘мегаверниците‘‘? Е, тука, барем како што мене ме учечле за религијата постои само еден суд кој нема партиска определеност и пред кој постои само еден судија. Господ. Кога тој ке почне да суди и да казнува, касно ке биде. Религијата е убава работа, но ако ја носиш во себе, како филозофија и како правец на духовна вредност која ти ја држи кичмата исправена пред законите на човечноста и на хуманизмот. Но, ова веќе преоѓа во нешто друго. Прости ми боже ако грешам.

ООО ЏЕМААТ! Што значи да бидеш голем човек? Значи да бидеш скромен. Значи да правиш добри дела ама да не се фалиш со нив. Да нахраниш сиромав ама да не се сликаш со него за Фејсбук. Да помогнеш некому ама да си молчиш. Да облечеш сиромашно дете, ама да не бараш да ти баци рака. Што по малечок си, тоа си се поголем. Ама ти тоа не можеш изгледа да го разбереш. Не можеш, затоа што мал си во мозокот, а голем во ‘‘чаламот‘‘. Да ти јебе магаре чаламот! Вера во бога и чалам не одат заедно! Сиктер дома! Estagfurullah!

(Авторот е редовен колумнист на весникот КОХА)