ХАОТИЧЕН ЌУМЕЗ

116

 

Албанскиот кампус од самиот почеток на постоење на државата функционира по системот ‘‘ или си со мене или си против мене‘‘. Македонската страна е ‘‘дамбетер‘‘, ама многу успешно глуми дека е космополитска и дека не гледа на тие нешта. СДСМ е прва партија кон која се приклучи една бројка албанци, се додека не се виде дека тоа е политичка ‘‘шминка‘‘ зад која стое само потреба од гласови за одржување на нивото. Се е калкулација со емоции, ветувања и празни муабети. Единствени добитници се само оние кои ја креираат и контролираат ситуацијата

 

Од Агим ЈОНУЗ

АЈ, како да бидеш ‘‘мајчин‘‘ и да напишеш колумна во која ке кажеш нешто што никој не го кажал до сега. Нема бе! И најголемите филозофи дигнаа раце од Македонија. Се е веќе отерано у мајчину, се е искритикувано. Се е кажано. Влегуваме во онаа фаза во која султанот кога чул дека народот почнува да молчи се уплашил сериозно. Народ што почнува да молчи, нешто спрема. Во Македонија никој ништо не спрема. Нема кој. Она што е паметно, веќе пие кафе некаде во Франфурт, Берлин, Лондон, Виена. Се создава лажна слика на сериозност. Народот е веќе ‘‘липцано магаре‘‘. Прај му што сајкаш. Па не коридори осум,.. уште дванаесет отварај му официјално, он те гледа како теле у шарена врата и се смее како да е сето тоа вистина.  Како да почитуваш, подржуваш и да гласаш за власт во апсолутно не функционална држава. А, да биде трагедијата уште поголема, имаш опозиција која ако дојде на власт, ситуацијата ке биде мултиплекс полоша. Барем тоа може да го потврдат оние кои што ги разбираат политиките. Македонија по многу параметри оди во провалија. Ама, додека стигне до таму, дај барем нешто уште да се докраде, да се лапне некоја сарма повеќе, а  на народот ионака животот ќе му остане по принципот на ‘‘ како му било пишано‘‘, а не како му било искреирано од политичарите. Политичарите!? Кои!? Нема политичари Македонија. Има само еден огромен фолклорен ансамбл, кој свира како му се дигне онаквото, а народ игра, пие, се весели, се коцка, се дрогира, да простите се ебе на секое ќуше, глуми ѓивот. Далеку е животот. На народот дај му само бајрак, ќетелија, ракија или религија. Се е апсолутно испревртено. Дури и кучињата по улица почнаа да ја мразат државата. Преживуваме ренесанса на лицемерието. Битно, сите сме ‘‘еснафи‘‘, веруваме во Аллах / Господ и правејки милион и еден грев, нај ладнокрвно велиме ‘‘Бисмилах‘‘!

Како стои албанската страна во Македонија? Дали албанците сериозно ја сакаат Македонија? Неофицијално да! Официјално, сепак се е сведено на етноцентризам кој еден ден ке мора да најде некоја нова форма, затоа што ‘‘каузата‘‘ не може да биде вечна. Дали постои реална формулација за поимот ‘‘ македонски Албанец‘‘?! Ајде да видиме дали во држава во која албанскиот народ е автохтон, се дефинираме себе си како ‘‘Албанци-Албанци‘‘, или ‘‘македонски Албанци‘‘. Ова секако подобро би го анализирале албанците од Албанија, затоа што политиката на албанците во Македонија е специфична, во смисла, националромантизмот е изнад локалната социолошко-економска програма. Со влезот во НАТО, границите на Македонија се затворени за дискусија. Проектот Голема Албанија е што би рекле германците ‘‘Капут, Хер Франц‘‘. Албанците во Македонија остаанаа затворени во ‘‘ќумезот‘‘ Македонија да си го градат ќумезот како дом во кој треба да се живее. За тоа треба да се прифати фактот дека треба да се соработува со македонците не на ‘‘етноцентристички‘‘, туку на ‘‘конститутивен‘‘ начин. Тоа подразбира ‘‘мешање‘‘. Дали сме спремни за тоа!? Да потсетиме, секое ‘‘мешање‘‘ не значи дека некој ке биде помалку Албанец, или дека ќе му се скрши правото да развива бајрак, да збори албански, да свира на ќетелија, да пости за Рамазан или да се нарекува гордо и слободно ‘‘Јас сум Албанец‘‘. Да! Си! Ама, нафаката ти била да живееш во Македонија. Затоа, мора да ‘‘се мешаш‘‘ за доброто на ќумезот во кој се наоѓаш.

Колку еден албански интелектуалец може да биде слободоумен? Да не размислува по било каква етноцентристичка партиска филозофија. Како изгледа еден квалитетен албански интелектуалец? Дали Албанец мора да биде и да делува само во рамки на албански политички кампус? Дали еден албански интелектуалец мора да вика ‘‘ амин‘‘ на секоја политичка одлука која е исклучиво донесена ‘‘од албанска страна‘‘. Може ли еден албански интелектуалец по прашање кое не е од етно-национален карактер да се согласува повеќе со еден Македонец, отколку со просечен албански политичар. Ова се теми кои се анатемизирани. Зошто? Ајде да размислуваме онака ‘‘ ачик‘‘ без да се плашиме дека ке бидеме осудени. Анализираме де!!! Дали рамковниот договор колку што донесе бенефит, толку ограничи една маса албански интелектуалци да не може да размислуваат со своја глава. Градиме граѓанско општество. Отворено општество во кое секој има своја шанса. Општество на рамноправни граѓани. Ок. Сето тоа е декларативно одлично речено. Дали е во стварноста така.Не е! И нема да биде уште долго време од неколку причини.

Како прво, албанскиот политички кампус е само декларативен во однос на отвореноста за не-албански членови. Во суштина, целиот политички филм е етнички. Македонскиот до сега покажа дека има простор за албанци, иако целиот тој филм е ‘‘мижи Хасан да ти бајам‘‘. Првиот момент кога во прашање ке се доведе он или ти, ќе ти стане јасно дека таму си само – гостин со сајгија и ништо друго. Секое мешање ‘‘ние кај вас или вие кај нас‘‘ е глумење на демократија во која се е една вештачка љубов која ‘‘на прва кривина‘‘ се тумба и паѓа во амбис. И сето тоа во повторувам по стоти пат, во декларативно градење на општество на рамноправни граѓани. Граѓанско општество најмалку прашува како се викаш, и дали си ‘турчин или каурин‘‘. Граѓанско општество прашува само ‘‘дали те бидува или не‘‘! И македонците и албанците во Македонија се искомплексирани народи. Македонците поради тоа што во своја држава не знаат да изградат држава како што треба со сите нишани, а албанците затоа што во таа иста држава не можат да бидат ‘‘свои на своето‘‘. Од таа причина, етно-поделеноста е платформа за милион теми на кои припадноста на една или друга страна се комерцијализира до максимум.  Смешнен е податокот кој се гледа ‘‘од авион‘‘, а тоа е ситуацијата во која додека македонците се борат надвор од границите да се покажат и докажат како рамноправни, албанците тоа го прават внатре во државата. И сето тоа паралелно со дефиницијата дека Македонија е веќе изградена граѓанска држава на рамноправни граѓани.  Албанците имаат високи места во власта и во државата. Арно ама, да не се лажеме, еден голем дел поради чиста политичка мудрост, уценувања и комбинаторики кои на македонската страна не им оставаа место да прават поинаку.

Како изгледа една права граѓанска држава?

Откога лидерот на ДУИ Али Ахмети излезе со пораката дека следниот чекор е Претседател-Албанец, во целата таа еуфорија никој не постави едно нормално прашање. Тоа прашање е следново: ‘‘ каква врска има од кој етникум е претседателот на една демократска граѓанска држава‘‘?! Ова отвара милион други прашања, како на пример зошто на тоа се гледа како на некаков спектакуларен и триумфален чин? Алоо ‘‘ оо шоч‘‘, па и циган може да биде! По устав и закон.  Во Америка една од нај незамисливите работи беше дека претседател може да биде црнец! И? Ете, Обама стана претседател и никому ништо! Србите викаат ‘‘свако чудо за три дана‘‘. Она што е најпоразително е тоа што сите се ќорави на еден податок. Додека Македонија оди по патот на развивање и градење по некаков европски терк, ние сеуште треба да размислуваме на кој ‘‘етнички модел‘‘ размислуваме.Се додека и македонците и албанците не ги излечат своите комплекси на ‘‘етно страни‘‘, нема да имаме ни ‘‘Г‘‘ од граѓански концепт на општество. Сево ова што го зборам е под предпоставка дека намерата да градиме здраво граѓанско општество е сериозно. Во такви оптштества битна е државата, животот во неа, стандардот на граѓанинот и економската благосостојба. И сега доаѓаме до насловот на колумната. Ментална апсаана. Што подразбира таа? Ако веќе државата е дефинирана по устав и закони на начин кој дефинитивно албанците ги прави рамноправни во државата, која е пречката да се направи политички блок, во кој албански и македонски интелектуалци би делувале заедно!?

Албанскиот кампус од самиот почеток на постоење на државата функционира по системот ‘‘ или си со мене или си против мене‘‘. Македонската страна е ‘‘дамбетер‘‘, ама многу успешно глуми дека е космополитска и дека не гледа на тие нешта. СДСМ е прва партија кон која се приклучи една бројка албанци, се додека не се виде дека тоа е политичка ‘‘шминка‘‘ зад која стое само потреба од гласови за одржување на нивото. Се е калкулација со емоции, ветувања и празни муабети. Единствени добитници се само оние кои ја креираат и контролираат ситуацијата. А, таа вели дека има строга забрана некој да размислува вон етничкото клише. Ова се однесува и на македонската и на албанската страна. Долго време оваа држава ‘‘ нема да биде држава‘‘! Се додека луѓето и политичарите, интелигенцијата и високата еминенција не мислат за добро на државата туку за политички профити. Лично сметам дека и албанската, а и македонската страна држат во заложништво една голема бројка на интелектуалци кои мораат да размислуваат етнички, а не економско-политички. Тоа е клучната пречка зошто нема една трета опција која ке делува во интерес пред се – на Македонија, на државата, на ќумезот како заеднички дом. Ќумез ли е, не ли е,… тоа е наш дом!

Оваа држава одамна не е ‘‘држава‘‘,.. ама нејсе!

ООО ЏЕМААТ! Како и да е, добро е што се држиш за Аллах/ Господ. Барем тој е перманентна вредност која не се менува. Што има финални принципи. Единствено тој што рекол останало неменливо. Elhamdulilaah! Не реков држи се до Џамија и Црква. Тоа е веќе политика. Благодарение на црквата и џамијата религијата е одамна инструментализирана. Ти си само потрошен материјал за политика. Затоа ‘‘gynah‘‘ си, овој пат нема да те критикувам. Верувај во Аллах,  на луѓето бездруго си требал одамна да престанеш да им веруваш. Тие се бават со политика. А, таа е курва!

(Авторот е редовен колумнист на весникот КОХА)