четврток, ноември 13, 2025
2.8 C
Skopje

Дека ВМРО-ДПМНЕ сосе ЗНАМ и ВЛЕН нема намера да ги придвижува евроинтеграциите е јасно уште од пред 2024!

Пишува Ивон Величковски:

Единствената црвена линија за ЕУ-интеграциите на Северна Македонија гласи: И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не сакаат земјата да стане дел од ЕУ.

За ова нема потреба од собраниска декларација. Ова е јасен заклучок и на македонскиот народ и на целокупната нација на Северна Македонија и на Новата Република само и припаѓа задачата да го дефинира и соопшти.

Дека ВМРО-ДПМНЕ сосе ЗНАМ и ВЛЕН нема намера да ги придвижува евроинтеграциите е јасно уште од пред 2024.

Тие го саботираа патоказот за полноправното членство во ЕУ – Преговарачката рамка спротивставувајќи се на уставните промени со кои македонскиот народ просперира – низ гарантирање на еднаквоста на сите народи во Северна Македонија. Сега работат на ништење на принципите на Рамковниот договор – и со тоа на самиот Устав.

Дека СДСМ не е заинтересиран за евроинтеграциите стана јасно откако го одмолчаа еден од главните услови за опозициска соработка: да ги предложат уставните промени до средината на јануари 2025.

Како и законот за ветинг на политичарите, новинарите, судиите и обвинителите. И законот за дополнување на опфатот на  рестриктивните мерки и за лицата на “црните листи” на САД, ОК и  Канада и проширена конфискација на имот. И новиот кривичен законик кој е подготвен со европски пари и консултации и чека во фиока…

Затоа обете партии – едната подружница на СНС, другата на СПС во Скопје – односно нивни функционери се означени како носители на “српскиот свет” во Извештајот на Европскиот Парламент, кој ги опфати перформансите на Северна Македонија во владите и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

И сега, зависни од режимот на Вучиќ – обете партии заедно со МПЦ врамена во статусот на  полуавтокефална подружница на СПЦ – грчевито ќе се борат за одржување на неговата власт и доминација нудејќи го Скопје како локација за банките, бизнисите и медиумите на српската владејачка партија.

Само неповрзано со Брисел, Скопје може да остане административен центар на јужното крило на “српскиот свет”.

Последно во низа, за очекување е да се промовира тезата дека Македонците треба да се потпрат на искуството на “фините семејства” од социјализмот кои беа влијателни во периодот до 1991, се потоа ја креираа транзицијата, произведувајќи ја деиндустријализираната и иселена Северна Македонија.

Истите кои предизвикаа три иселенички бранови и ја уништија економијата на земјата контролирајќи го нејзиниот буџет и законодавство – преку овие партии и нивните медиуми.

Црвената линија на македонскиот народ и нацијата на Северна Македонија е ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Партиите кои ставија три вета на евроинтеграциите: 1997, 2008 и 2022.

Затоа, сега нека си глумат локални избори што мислат дека ги контролираат. За да го сокријат фактот дека не ги контролираат предвремените парламентарни догодина.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови