KИНА ПРОГОВОРИ ЗА ИДНИНАТА НА ТАЈВАН: Објавен е документ за мирно обединување

0

Војската на Кина успешно заврши различни воени задачи околу Тајван по речиси една недела, но ќе спроведува редовни патроли и ќе продолжи со воената обука за да се постигне борбена готовност.

Кина, која започна масовни маневри по посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, вчера објави Бела книга со наслов „Прашањето на Тајван и повторното обединување на Кина во новата ера“ со порака дека мирното обединување и принципот „една земја, два системи“ се основни за решавање на тајванското прашање.

– Ќе работиме со најголема искреност и ќе вложиме максимални напори за да постигнеме мирно обединување. Но, ние нема да се откажеме од употребата на сила и ја задржуваме можноста да ги преземеме сите неопходни мерки, да се заштитиме од надворешно мешање и секакви сепаратистички активности. Во никој случај тоа не ги таргетира нашите сонародници во Тајван. Употребата на сила би била последното средство – се вели во Белата книга.

Се нагласува дека Резолуцијата 2758 на Генералното собрание на ОН е политички документ кој го вклучува принципот на една Кина. Според овој документ, дејствијата на владата на Демократската напредна партија во Тајпеј доведоа до тензија во односите на „двете страни на Тајванскиот теснец“, загрозувајќи го мирот и стабилноста и поткопувајќи го просперитетот и ограничувајќи го просторот за мирно обединување. Беше објавено и дека „надворешните сили ги охрабриле провокативните акции на сепаратистичките сили“.

Во исто време, кинеската амбасада во Лондон ја осуди британската „неодговорна реторика“, бидејќи министерката за надворешни работи Лиз Трус го покани на разговор кинескиот амбасадор во Велика Британија, Џенг Зегуанг, поради постапките на Пекинг кон Тајван: „Нема право странска земја , вклучително и Велика Британија, да се меша во внатрешната политика на Кина“, се заклучува во соопштението на кинеската амбасада.