Учениците кои учат соло пеење во класата на професорката Едлира Арифи при државното музичко училиште „Тодор Скалоски-Тетоец“ во Струга денеска во училиштето ќе се претстават пред реномираната оперска певица Весна Гиновска-Илкова.
По изведување на пиесата, струшките соло пејачи, како што информира раководителот на музичкото училиште Димитриј Кумбароски, од Гиновска-Илкова ќе добијат стручни коментари и совети што ќе им помогнат во нивниот натамошен музички развиток.
-На учениците им овозможуваме блиски средби со реномирани музичари, кои ќе им бидат пример, но и дополнителен мотив за работа и школување. Освен што добиваат стручни оценки и совети за нивната работа, на овој начин им ги отвораме вратите за соработка и професионални познатства со значајни музички имиња од земјава, но и странство, вели Кумбароски.
Гостувањето на Весна Гиновска-Илкова е продолжување на праксата што ја спроведува тимот на ДМУ „Тодор Скалоски-Тетоец“. Мастер класови одржале и норвешката професорка по дувачки инструменти Сисел Грун Дал и професорот по виолина при Музичката академија во Скопје, Михајло Куфојанакис.