понеделник, јануари 13, 2025
-0.2 C
Skopje

МКЦ ја почнува сезоната со „Роденден на уметноста“

Почетокот на секоја сезона во Младинскиот културен центар се одбележува со манифестацијата „Роденден на уметноста“, оваа година закажана за 18 јануари (сабота).

Настап на неформалната театарска група Импров театар, концерти, диџеј-сетови, детска работилница, предавања во Планетариум за деца и возрасни, промоција на книга.

Во склоп на целиот настан ќе се случи и официјалното отворање на реновираниот простор во МКЦ (горно Фоаје) со изложбата „Мали хумани иновации“ на студентите од насоката Индустриски дизајн на Машинскиот факултет во Скопје.

Програмата ќе почне во 18 часот, со детската работилница „Играј со светлината“ чии ментори се: Нина Максимовa, Дени Стојанов и Доротеј Нешовски. Целта на работилницата е на децата да им се доближи театарот на сенки, игра со светлина и бои и имагинацијата за создавање ликови. Истовремено започнуваат и серија предавања во Планетариумот, реализирани во колаборација со Скопско астрономско друштво, од кои: едно предавање за деца и две предавања за возрасни.

Потоа во кино „Фросина“ ќе се одржи промоција на книгата „Македонска сага“ од Сунчица Уневска, по која следува настап на Импров група. Од 20, односно 20:30 публиката ја очекува отворање на двете изложби закажани за вечерта, „Портрет и личност“ на Марина Убавкова, во галеријата на МКЦ, како и „Мали хумани иновации“ во новиот реновиран простор во горното Фоаје.

Музичката програма ќе почне во 20 часот со Бојан Чакра, кој ќе настапи пуштајќи мизика на плочи во просторот Ап(о)тека. Од 22 часот се отвора сала 25 Мај каде ќе настапат Dogs in Kavala, Porto Morto и The Local Blue кои ќе го промовираат новиот албум „2nd landing“. Диџеј-сетовите на Ивана Драгшиќ, Теа Шалдева и Виолета Качакова ќе го заокружат овогодишниот Роденден со журка во бифе која ќе почне по полноќ и ќе трае до раните утрински часови.

Влезот е слободен.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови