Амбасадата на Италија и ИТА Скопје во соработка со Националната галерија на Република Северна Македонија организираат прослава на Денот на италијанскиот дизајн 2024 година. Во рамките на тридневната програма, на 14 март во галеријата Чифте амам ќе биде се отворена изложбата „Најдрагиот Пинокио“ (Carissimo Pinocchio), што ќе може да се погледне во наредните две недели, до 28 март.
Како што информираат од Националната галерија, во објектот Чифте амам ќе биде презентирана изложба по повод 140-годишнината од првото издание на книгата „Авантурите на Пинокио – Приказна за куклата“ од Карло Колоди, најпреведуваната италијанска книга во светот. Во соработка со Италијанската амбасада, изложбата на Музејот за дизајн ADI од Милано, пред македонската публика ќе го претстави дизајнерскиот проект „Најдрагиот Пинокио, италијанските дизајнери и графички дизајнери ја редизајнираат најпознатата кукла на светот“, курирана од Џулио Јакети. Зборувајќи за изложбата, Џулио Јакети предложи на Музејот за дизајн АДИ да се вклучат 60 италијански дизајнери, поточно 30 дизајнери и 30 графички дизајнери, повикани да дизајнираат своја лична реинтерпретација на најпознатата кукла во светот. Резултатот е збирка која ја раскажува сложеноста на приказната на Пинокио и нејзините многубројни авантури и аспекти.
Станува збор за инклузивна изложба, погодна и за деца и за возрасни, полна со изненадувања, способна да предизвика насмевка и во исто време тера на размислување.
На отворањето на изложбата ќе се обратат амбасадорот на Република Италија Андреа Силвестри, директорката на галеријата Дита Старова Ќерими и ко-кураторот и дизајнер Лука Мандонини