Во кино салата на Музеј на Северна Македонија вечер (20.00) ќе се одржи промоција на книгата „Телесност и отелотворување: иконографии на човечкото тело“ на Гоце Наумов.
– Телесност и отелотворување ги обработува можните форми на проучување и разбирање на претставеното човечко тело во минатото. Иако, главно, се заснова на неолитските фигурини и антропоморфните хибриди, но оди чекор подалеку од археологијата и посегнува по други хуманистички дисциплини, како што се антропологијата, социологијата и филозофијата. Ова дело во голема мера ѝ помага на археологијата при проучувањето на луѓето во минатото, но во исто време може да се ползува и во рамките на историјата на уметноста, етнологијата, социологијата, театрологијата или синеастиката, односно во сите студии што се концентрирани на иконографиите и перформативноста на човечкото тело, стои во најавата за промоцијата.
Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Гоце Наумов, а во рамки на овој настан ќе настапи и џез составот Next to Silence.
Гоце Наумов е доктор по предисториска археологија и континуирано ги проучува населбите, занаетите, ликовните претстави и обредите на првите земјоделски и металуршки заедници во државава, Балканот и на Блискиот Исток. Истражувал на повеќе предисториски локалитети во државава, Србија, Албанија, Словенија, Турција, Русија и САД, а во фокусот на неговата специјализација се Пелагонискиот и Охридско-Преспанскиот Регион. Како резултат на своите истражувања, има публикувано пет монографии и над 80 реферати за издавачки куќи во Оксфорд Лондон, Кембриџ, Њујорк, Лос Анџелес, Рим, Хајделберг, Минхен, Виена, Москва, Берн, Киев, Аделаид и други. Во рамки на афирмирањето на предисториското културно наследство, тој држел предавања и презентации на универзитети во Кембриџ, Париз (Сорбона), Даблин, Осло, Барселона, Берлин, Рим, Хелсинки, Њујорк, Цирих, Санкт Петерсбург и Прага, а има организирано изложби во Чикаго, Њујорк, Отава–Гатино, Удине, Нови Сад и Скопје.