Свечено доделување на наградите „Антево слово“

0

Во спомен собата на Анте Поповски во Центарот за култура во Ѓорче Петров вечерва ќе се одржи седмото издание и официјалното доделување на наградите „Антево слово“ кои се дел од меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) за најдобра поетска творба.

Во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“, наградата „Антево слово“ е конституирана во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски, како дел од оваа меѓународна манифестација, што се одржува секоја година во градот Каникати во Сицилија, а воедно и прва од ваков вид која се доделува за македонски автор надвор од нашата држава.

По објавениот повик за испраќање на песна по слободен избор за учество на седмиот Меѓународен конкурс и доделување на наградата „Антево слово“ на македонски и италијански или англиски јазик, со свои дела се пријавија повеќе од 100 поети од Македонија, Англија, Албанија, Бугарија, Тунис и Кипар. Годинава, првата награда ја доби Македонка Божиновска, втората награда им припадна на Милена Сиљаноска и Александра Спасеска, третата награда ја делат Рекио Фебија од Италија и Антева Темјана, односно Силвана Димитриевска, а добитникот а наградата за млад автор на годишниот поетски конкурс е Васја Мицковски, наведуваат организаторите.

На свеченото доделување на наградите ќе присуствува Геро Ла Векија, а оваа година ќе се доделат наградите и за добитниците од изминативе пет години. Лауреати кои се носители на наградата „Антево слово“ се: Томислав Османли, Катица Ќулавкова, Драгана Евтимова, Иван Антоновски, Ива Дамјановски и Виолета Танчева-Златева. Своите наградени стихотворби ќе ги презентираат и останатите наградени.

Освен наградите за авторите ќе бидат доделени благодарници и на личности кои го помогнале „Антево слово“ низ годините. Настанот ќе го води Александра Велинова, а преводот на италијански јазик ќе го проследи Маја Божиновска.

 

Сите учесници имаа можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда која е именувана по проф. Анџело Ла Векија (Angelo La Vecchia), познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор и наградата „Антево слово“, која се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.