четврток, мај 22, 2025
24.8 C
Skopje

Со премиера на „Риголето“ почнуваат 53. „Мајски оперски вечери“

Со палење на фестивалскиот оган и изведба на операта „Риголето“ од Џузепе Верди, вечер во Националната опера и балет (НОБ) ќе бидат отворени 53. „Мајски оперски вечери“, еден од најзначајните културни настани во земјава што ќе трае до 31 мај.

– Стремејќи се секогаш кон тоа, вам, нашата верна публика, да ви понудиме интересни и ексклузивни настани, и оваа година подготвивме програма што, верувам, ќе ги задоволи и највисоките уметнички критериуми. „Мајските оперски вечери“ 2025 година ветуваат богато уметничко доживување, обединувајќи ги традицијата и иновацијата, домашното и меѓународното творештво, вели во официјалното обраќање до јавноста директорот на Националната опера и балет (НОБ), Оливер Арсовски.

Фестивалот започнува со едно од најдраматичните оперски дела, „Риголето“ од Верди, кое преку силна музичка и сценска интерпретација ги комбинира темите како љубов, моќ и одмазда. Диригент е Џанлука Мартиненги, режисер Пјер Франческо Маестрини (двајцата од Италија), сценограф – Гилермо Нова од Шпанија, костимограф Кристина Ачети, исто така од Италија, а кореографијата е на нашата Саша Евтимова. Хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ. Со хорот и оркестарот на Национална опера и балет настапуваат солистите Леон Ким како Риголето, Марио Баг како Војводата од Мантова (двајцата од Јужна Кореја), потоа нашите Aна Дурловски како Гилда и Игор Дурловски како Спарафучиле, а во другите улоги: Николина Јаневска, Владимир Саздовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Александра Лазаровска-Василевски, Диме Петров, Марика Поповиќ и Десанка Глигоријевиќ.

На 15 мај, публиката во НОБ ќе може да ужива во безвременската убавина на балетот „Лебедово езеро“ од Петар Илич Чајковски, дело што, преку грациозноста на движењата и мајсторската музика, ја раскажува приказната за љубовта и судбината. Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, а кореограф Виктор Јаременко од Украина.

На 19 мај, пак, публиката на „Мајските оперски вечери“ ќе има можност да ја проследи монументалната опера на Верди, „Набуко“, позната по хорот „Va, pensiero“ – химна на слободата и силата на духот. Диригент е Мирон Михаилидис од Грција, режисер е Ренато Бонајуто од Италија, а во улогата на Набуко настапува Луис Кансино од Шпанија.

Пучиниевата „Мадам Батерфлај“ ќе биде изведена на 23 мај, прикажувајќи ја судбината на младата гејша преку незаборавни мелодии и длабоки емоции. Диригент е Марко Боеми од Италија, режисер Александар Текелиев од Бугарија, а како солисти настапуваат Mарија Јелиќ од Србија, нашиот Ѓорѓи Цуцковски и Луис Кансино од Шпанија.

Операта „Турандот“ на Џакомо Пучини, со славната арија „Nessun dorma“, е закажана за 27 мај, носејќи приказна за љубовта, гордоста и искупувањето. Диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, а режијата, сценографијата и костимографијата се на неговиот сонародник Џанкарло дел Монако. Кореографка е Саша Евтимова. Во насловната улога настапува Вероника Џиоева од Русија, а во другите Жао Гуо од Кина и нашите Биљана Јосифов и Владимир Саздовски.

Националната опера и балет свечено ќе ги затвори „Мајските оперски вечери“ на 31 мај, со изведбата на операта на Верди „Аида“, еп за љубовта, жртвата и вечните вредности. Диригент е Џана Фрата од Италија, а како солисти настапуваат Дарија Мазиеро во улогата на Aида, исто така од Италија, Џејмс Ли од Јужна Кореја, Ненси Фабиола Херера од Шпанија и нашиот Игор Дурловски.

Сите претстави започнуваат во 20:00 часот.

Директорот на НОБ Оливер Арсовски ги повикува сите љубители на операта да бидат дел од величествената прослава на уметноста.

– Да уживаме заедно во музиката, танцот и вистинските емоции кои Мајските оперски вечери ги носат повеќе од половина век. Со нетрпение очекувам да се сретнеме, порачува Арсовски во пресрет на отворањето на фестивалот.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови