Mакрадули без објаснување зошто го немаше на маршот за чист воздух на младите

6

Власта не го дели револтот на граѓаните за загадувањето. Наспроти протестите, надлежните се задоволни што загадувањето успеале да го намалат. Заменик министерот за екологија денеска се пофали дека мерките што ги преземале, дале ефект.

– Борбата за здрава животна средина и чист воздух е процес, кој бара координирана и интегрирана акција од сите чинители во општеството, од системски мерки на организациско или институционално ниво, до промена на некои навики кај секој од нас лично, порача заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули на прес конференција.

Тој нагласи дека ова е прва Влада што не бега од темата за аерозагадување, ниту ја прикрива, туку, како што рече, е прва која презема конкретни мерки.

– Факт е дека оваа година има значително намалување на бројот на денови со надминати среднодневни концентрации на РМ10. Некои ќе се повикаат на времето, климатските промени, но факт е дека намалувањето е и резултат на заедничка акција на сите. Резултат на зголемената свест кај граѓаните, која е на највисоко ниво до сега и е дополнителен поттик за оваа влада. Граѓаните, особено помладите и користат превозни средства кои не загадуваат и сепарираат отпад, но и ги убедуваат своите родители да не се греат на дрва“ вели Макрадули.

Сепак и покрај мерките, загадувањето и натаму е присутно а македонските градови и натаму се во врвот на неславните светски рангирања по овој основ. Граѓаните постојано протестираат и бараат ефикасни мерки, а не козметички. Така беше и на последниот голем протестен марш во Скопје, кој на улица извади огромен број млади кои јавно го изразија својот револт. Но надлежните кои тврдат дека работат, сепак не беа до нив. Што не беше случај кога беа во опозиција.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов се извади дека бил на службено патување па затоа не можел да ги удостои младите на маршот за чист воздух, но заменик министерот за екологија немаше објаснување.

– Господине Макрадули, градоначалникот на Скопје рече дека бил на пат за време на протестот за чист воздух, и затоа не им се придружил, зошто вие не застанавте рамо до рамо со нив? Јас редовно ги поддржувам, се залагаме за почист воздух и се согласувам со нивните мислења, рече Макрадули кој не ја наведе причината зошто не излезе на улица.

Еден од изворите на загадување е системот за греење во Студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ кој се уште е на мазут. Макрадули уверува дека овој систем наскоро ќе се промени. Инаку проблемот со загадувањето е повеќе од сериозен. Годишно по овој основ во земјава околу три ипол илјади луѓе умираат како последица на отровните честички во воздухот.