Бугарската нуклеарна централа „Козлодуј“ денеска потпиша договор со шведската компанија „Вестингхаус Електрик Шведска“ за набавка на нуклеарно гориво за еден од своите реактори, со цел да се диверзифицира снабдувањето со енергија. Договорот е со важност од 10 години.
Управниот директор на „Вестингхаус електрик Шведска“ го опиша потпишувањето како историски момент и почеток на долгорочно партнерство.
Козлодуј моментално користи нуклеарно гориво што го снабдува руската компанија Росатом за да управува со два нуклеарни реактори кои произведуваат околу една третина од електричната енергија во земјата.
Министерот за енергетика на Бугарија, Росен Христов рече дека десетгодишниот договор со шведската компанија ќе помогне да се гарантира нормално функционирање поради „нејасната ситуација со испораките на нуклеарно гориво од Русија“.
Тој додаде дека сличен договор наскоро ќе биде потпишан и со францускиот Framatom.