Ана Брнабиќ, премиерката на Србија во технички мандат, не може да биде кандидат, а уште помалку избрана за претседател на Собранието, бидејќи за тоа има уставни пречки, изјави професорот на Правниот факултет Танасије Маринковиќ.
Според него државата може да влезе во „потенцијална уставна криза“.
Маринковиќ за ТВ Н1 изјави дека токму тоа име е причината за одложување на конститутивната седница на српскиот парламент, што првично беше закажана за денеска.
Предлогот за избор на премиерка Ана Брнабиќ за претседател на Собранието на Србија влезе во собраниска процедура, се наведува на веб-страницата на собранието.
„Тие разбраа дека се работи за лице за кое постои уставна пречка да биде кандидат“, рече Маринковиќ и појасни, дека членот 126 од Уставот на Србија јасно предвидува дека член на Владата не може истовремено да биде и пратеник.
„Премиерката истовремено не може да биде и пратеник, уште помалку да биде претседател на Собранието. Би морала итно да поднесе оставка од пратеничката функција“, рече Маринковиќ и потсети дека Брнабиќ тоа го направила во 2022 година.
Тој додаде дека таа не може да биде кандидат, ниту да биде избрана.
Министерката за правда на Србија, Маја Поповиќ денеска изјави дека не постои уставна пречка Ана Брнабиќ да биде предложена и избрана за претседател на Народното собрание.