вторник, декември 3, 2024
8.8 C
Skopje

Буџетот на Косово пред пратниците идниот понеделник, опозицијата вели дека нема да го гласа

Косовските парламентарни опозициски партии, Демократската партија на Косово (ПДК), Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК) се изјаснија дека нема да гласаат за предлог-буџетот на Косово за следната година, кој се очекува да изнесува 3,6 милијарди евра, јави дописникот од Приштина.

По денешната одлука на Претседателството на Собранието владиниот предлог за буџетот да се стави на дневен ред на седницата на 11 ноември, шефот на пратеничката група на ПДК, Абелард Тахири изјави дека пратениците на неговата партија нема да гласаат за овој предлог, бидејќи буџетите донесени низ годините на актуелната влада „не оставија никаква трага, ниту во развојот, ниту во благосостојбата, ниту во економијата“.

„Со оглед дека сме целосно убедени дека Косово може подобро, ние за овој буџет нема да гласаме. Надежта, благосостојбата и посветеноста да го направиме Косово подобро ќе го одрази во буџетот за следната година Владата што ќе произлезе од изборите во февруари, со премиерот (кандидат за премиер на ПДК) Бедри Хамза“, порача Абелард Тахири преку неговата страница на Фејсбук.

Шефот на пратеничката група на ЛДК, Арбен Гаши, по седницата на собраниското Претседателство рече дека пратениците од неговата партија нема да го гласаат буџетот во формата во која е сега, но ќе ги дадат нивните забелешки и предлози.

„Ние како пратеничка група на ЛДК ќе бидеме присутни. Идната недела ќе биде одлучувачка за тоа како ќе изгледа наредниот буџет. Ние нема да гласаме за буџетот. Ќе ги дадеме нашите забелешки, нашите предлози и доколку се земат предвид, тогаш (гласањето) ќе го разгледаме како можност“, рече Гаши.

Според ЛДК, овој предлог-буџет има два законски и уставни проблеми.

„Првиот се однесува на интервенцијата на буџетот во законот за плати во јавниот сектор. Додека втор проблем е тоа што се обидуваат да направат со законот за данок на недвижности“, рече Гаши.

И шефот на пратениците на ААК, Бесник Тахири изјави дека неговиот политички субјект нема да гласа за буџетот.

„Тоа е буџет кој ја закопа надежта на 80.000 луѓе кои работат во Косово за пристојна плата. Тоа е буџет во кој нема ниеден значаен капитален проект. Тоа е буџет на кој силно ќе се спротивставиме и тоа е буџет што ќе се ревидира во март идната година“, рече Бесник Тахири, додавајќи дека по 9 февруари, кога ќе се одржат парламентарните избори, Косово ќе има друга влада.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови