Во Србија до 8 часот во петок се потврдени 15 нови случаи на коронавирус, и сега има вкупно 118 заразени од 6 март, кога е регистриран првиот заразен пациент, соопшти Министерството за здравство, наведувајќи дека заклучно со четврток во 18 часот биле тестирани 39 лица.
Од 15 потврдени случаи, пет се хоспитализирани, „без компликации, во добра општа состојба“, додека 10 пациенти се со лесна клиничка слика и биле упатени на изолација во домашни услови.
За 15 дена од регистрирањето на првиот случај, до 20 март во 8 часот, во Србија за ковид-19 се тестирани вкупно 545 лица.
Од осум часот во петок, Србија ги затвори сите гранични премини за патен, железнички и речен сообраќај, а само камиони за превоз на стока и опрема можат да ја преминат границата во двата правци.
Напладне стапува на сила целосен прекин на меѓуградскиот автобуски и железнички сообраќај, со можност за користење само на лични автомобили, а на сила е забрана за движење на постари лица од 65 години во градовите и за жителите постари од 70 години во населби до 5000 жители.
Во Србија е на сила и полициски час, со апсолутна забрана за движење од 20 часот навечер до 5 часот наутро.