Претседателот на Србија Александар Вучиќ кажа дека очекува тешки разговори со косовскиот премиер Аљбин Курти денес, бидејќи во речиси ништо не се согласни со Приштина.
Истакна дека мирот и стабилноста се од клучна важност, пренесува Ројтерс.
Вучиќ тоа го порача на конференција за медиуми во Брисел, заедно со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пред дијалогот со Курти со посредување на Европската Унија.
„Имаме своја историја, која не е лесна, која не е едноставна. Но сакаме да ја зајакнеме понатамошната соработка и да избегнеме секаква можност за ескалација или судири“, кажа Вучиќ.
Од друга страна, Столтенберг порача дека НАТО ќе ги зголеми воените сили на Косово ако дојде до ескалација на тензиите со Србија.
„Сега имаме значајна мисија, воено присуство на Косово од речиси 4.000 војници. Ако биде потребно, ќе преместиме сили, ќе ги распоредиме таму каде што е потребно и ќе го зголемиме нашето присуство. Веќе го засиливме присуството на северот. Спремни сме да направиме повеќе“, кажа Столтенберг.