четврток, декември 5, 2024
6.8 C
Skopje

Економисти: Хрватска преминува на евра во вистински момент

 

Транзицијата на Хрватска кон еврото како нејзина официјална валута се случува во идеално време, оцени главниот економист на Хрватската стопанска комора Горан Шаравања, додавајќи дека 2022 година покажала дека фактот што една земја има своја валута не е заштита од инфлација.

Во Хрватска од 1 јануари официјална валута станува еврото, а во Загреб се очекува тоа да ја заштити земјата во време на голема неизвесност што доминира во глобалната економија.

– Кога ќе го земете предвид контекстот, всушност е идеално време за преминување на еврото. Кога ќе погледнете, ќе видите колку е стабилна куната откако ја добивме одлуката да влеземе во еврозоната, изјави Саравања за агенцијата Бета.

Тој посочи дека во земјите што го воведоа еврото каматните стапки и инфлацијата се пониски, колку и да е таа висока.

– Во овој момент се исплати да се префрлиме на еврото, особено кога ги гледаме Унгарија, Чешка и Полска, па и Србија, сите централни банки мораа да ги зголемат каматните стапки, рече Шаравања.

Хрватска како земја-членка ќе има пристап до сите инструменти на Европската централна банка, што, според Шаравања, е поттик за извозниците, а освен тоа, со прифаќање на еврото и влез во Шенген зоната, исто така, од 1 јануари Хрватска влегува во институционалното јадро.

– Главната предност (на преминувањето на еврото) е елиминирање на сите девизни ризици. Користењето на еврото е многу поедноставно, особено во комбинација со Шенген, Хрватска е поатрактивна како инвестициска дестинација, трошоците за водење бизнис ќе бидат помали, ќе биде потранспарентно, изјави главниот економист на Хрватската стопанска комора.

Со оценката дека Хрватска е „природен кандидат за еврото“, бидејќи во таа земја од средината на 60-тите години на минатиот век се штедело во германски марки, односно сега во евра, Шаравња истакна дека не е меѓу оние кои гледаат какви било недостатоци од усвојувањето на еврото.

– Хрватска до сега немаше простор за маневрирање во монетарната политика, а од 1 јануари ќе го има, додаде тој.

Запрашан за стравот кај дел од граѓаните дека воведувањето на еврото ќе доведе до дополнително поскапување, Шаравња вели дека тоа не го очекува.

– Инфлацијата е 13 отсто, тоа мора да го земете предвид, куповната моќ и онака е намалена поради високата инфлација, во услови кога инфлацијата е висока низ цела Европа, прашање е колку е можно да се зголемат цените и како со тоа влијаете на побарувачката, изјави Шаравања за Бета.

Потпретседателот на Европската комисија Валдис Домбровскис, неодамна пред хрватските новинари изјави дека е можно со влезот во еврозоната цените да пораснат, но само еднаш и незначително.

– Искуството на земјите што се приклучија на еврото последно покажува дека има еднократен ефект врз зголемувањето на цените во опсег од 0,1 до 0,3 процентни поени, рече Домбровскис, додавајќи дека на среден рок овој ефект се неутрализира со пониски трошоци при конверзија на валути и помали камати.

Од 1 јануари, Хрватска истовремено влегува во Шенген зоната и станува 20-та членка на еврозоната, односно нејзината претходна валута куната по 28 години заминува во историјата.

Од почетокот на септември сите цени се изразени во куни и евра по курс од 7,53 куни за едно евро, што е една од мерките за корекција со кои се обидуваат да го спречат растот на цените и нивно заокружување кога еврото ќе стане официјална валута од 1 јануари.

Плаќањето до полноќ на последниот ден од годинава е исклучиво во куни, а од 1 јануари официјална валута станува еврото. Сепак, граѓаните ќе можат да плаќаат во куни до 15 јануари, но треба да добијат кусур во евра. Во овој период се препорачува да се користи колку што е можно повеќе плаќање со картичка.

Во текот на 2023 година граѓаните ќе можат бесплатно да разменуваат банкноти и монети куни по фиксен курс (7,53 куни за евро), а од 2024 година само во Хрватската народна банка.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови