Хрватската демократска заедница (ХДЗ) освои 60, а Социјалдемократската партија (СДП) 42 мандати на парламентарните избори во Хрватска одржани вчера, покажуваат податоците на Државната изборна комисија, по преброени 98 отсто од гласовите.
За формирање влада потребна е поддршка од најмалку 76 од вкупно 151 пратеник во Саборот.
Гласале 61,99 отсто од избирачите. Право на глас на изборите имаа околу 3,7 милиони луѓе, што е за 127.000 помалку од пред четири години.
Следи Движењето Татковина со 14 мандати, Мост со 11 мандати, а петти се „Можеме“ со 10 освоени пратенички мандати.
Истарското Демократско Собрание (ИДС) освои три мандати, независната платформа „Север“ освои две места, а коалицијата Фокус-Република освои еден мандат.
Премиерот на Хрватска и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ најави дека од дeнеска ќе започне разговори за формирање ново парламентарно мнозинство заради формирање на третата влада на ХДЗ.
„ХДЗ убедливо победи на парламентарните избори третпат по ред“, изјави Пленковиќ во изборниот штаб на ХДЗ во Загреб по парламентарните избори одржани вчера, на кои победи ХДЗ, но со недоволно гласови за самостојна влада. Пленковиќ оцени дека опозициската Социјалдемократска партија не заслужува да формира влада, туку тоа треба да го направи ХДЗ како победник на изборите.
Од друга страна, и претседателот на најголемата опозициска партија СДП, Пеѓа Грбин, најави дека од денеска ќе започне разговори за можна постизборна коалиција со партиите кои најавија дека нема да коалицираат со ХДЗ.
„Изборните резултати не се онакви какви што посакувавме, но покажаа дека граѓаните на Хрватска сакаат промени и дека не се задоволни од она што се случува во Хрватска“, рече Грбин во изборниот штаб на СДП во Загреб.
Грбин рече дека на Хрватска и претстојат денови, недели, а можеби и месеци на разговори за формирање влада. – Тие разговори ќе завршат добро, со промена што ќе ја направи Хрватска подобра земја, земја без корупција која се грижи за својот народ, рече Грбин.
Кандидат за премиер на СДП е претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ, поранешен лидер на таа партија. Тој на беше на листата на СДП, бидејќи Уставниот суд му забрани да го стори тоа, со оглед на тоа што претходно не поднесе оставка од функцијата претседател на државата.