четврток, декември 5, 2024
6.8 C
Skopje

Красниќи: За три години на власт Курти го конфронтира Косово со сите сојузници

Лидерот на најголемата парламентарна опозициска партија на Косово, Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи ја обвини Владата предводена од Албин Курти дека се конфронтира со секој од косовските сојузници, во прв ред со Соединетите Американски Држави, јави дописникот од Приштина.

 Во објава на Фејсбук по повод тригодишнината од доаѓањето на власт на партијата на Курти, Движење Самопределување (ВВ), Красниќи вели дека непријателството со сојузниците станало „официјална владина политика“.

 -Три години против секој од косовските сојузници, особено САД, сега и како официјална владина политика, напиша Красниќи.

 Тој го обвини Курти дека, од кога ја освои власта, на 14 февруари 2021, „ветувањата ги претвора во измама, а надежите во разочарување“.

 -Три години беа доволни Албин Курти на власт да ги претвори ветувањата во измама, а надежите во разочарување. Три години исполнети со невладеење, неспособност и коруптивни афери низ кои се влоши животот на нашите граѓани. Три години полни со неодговорни постапки преку кои постојано се загрозуваше евроатлантската иднина на нашата држава, напиша Красниќи.

 Меѓу неуспесите во владеењето, лидерот на опозицијата на Владата на Курти, меѓу другото, ѝ ги спомена и меѓународните санкции на Косово поради неговите постапки и одлуки.

 Сè што ѝ донесе оваа Влада на Косово во овој период е: стагнација во економијата, колапс во здравството, деградација во образованието, трошење енергија и државни резерви, неуспех во инфраструктурата, скандали во надворешната политика, меѓународна изолација и санкции за Косово, напиша Красниќи.

 Според него, презирот е единственото политичко наследство кое оваа власт го остава зад себе, а ја спомена и бистата на Курти што вчера беше откриена во село кај Подујева, во близина на косовската престолнина.

 -За нив е важно да живее култот на лидерот, дури и преку една смешна бронзена статуа – над сиромаштијата на граѓаните и компромитираната иднина на нашата држава. Презирот е единственото политичко наследство што го остава зад себе оваа власт, која е веќе во своите последни километри, напиша Красниќи.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови