вторник, декември 3, 2024
5.8 C
Skopje

Курти: Последниот инцидент во Звечан е „осмомартовска честитка“ од криминалците до Србите кои сакаат интеграција во Косово Косовскиот премиер Албин Курти го осуди синоќешното палење на

Косовскиот премиер Албин Курти го осуди синоќешното палење на бутикот на потпретседателката на општина Звечан, Наташа Томаниќ, припишувајќи го делото на „криминални елементи“ во општината во северно Косово, населена со српско мнозинство, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти во објава на својата страница на Фејсбук го оцени чинот како „честитка“ за 8 Март од криминалците во Звечан, до Томаниќ „и до сите Срби кои сакаат интеграција во Косово“.

– Токму на 8 Март криминални елементи во Звечан повторно го избраа насилството, теророт и нападот, овој пат врз приватен имот, бутикот на потпретседателката на општина Звечан, г-ѓа. Наташа Томаниќ. Се чини дека ова е нивната „честитка“ за 8 Март до потпретседателката Томаниќ и до сите Срби кои сакаат интеграција во Косово, ослободување од криминалните структури кои им се закануваат и независност од официјален Белград кој ги уценува, напиша Курти.

Шефот на косовската Влада изрази надеж дека ваквиот чин ќе го осуди и групата Квинта, која ја сочинуваат дипломатските претставници на петте највлијателни земји во Косово – САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија, како и Канцеларијата на Европската Унија во Приштина.

– Меѓународниот ден на жената се одбележува со благодарност, грижа, љубов и заедничка посветеност на еднаквоста. Не со насилство и терор. Одговорот на ваквите дела и на одговорните лица е владеењето на правото и правната држава. Додека за косовските Срби кои продолжуваат да се соочуваат со физичко и психичко насилство и постојани закани, тоа е поддршката и охрабрувањето да се спроведе нивната волја до крај. Се надеваме дека амбасадорите на Квинта и шефот на Канцеларијата на ЕУ, г. Томаш Суниог, жестоко ќе го осудат овој криминален, терористички и кукавички чин, напиша Курти.

Непознати сторители синоќа во Звечан запалија два локали, споени во еден бутик, кој е во сопственост на потпретседателката на таа општина, Томаниќ.

Според извештајот на косовската полиција, Томаниќ изјавила дека се сомнева оти пожарот бил подметнат намерно, но сторителите не ѝ се познати. Таа ѝ рекла на полицијата дека вредноста на нанесената штета е голема.

Томаниќ, како и неколкумина други припадници на српското малцинство, беа избрани на општински функции по минатогодишните локални избори, кои Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, ги бојкотира и на кои во четирите општини во северно од Косово, населено со мнозинство Срби, со исклучително мала излезност на гласачите победија кандидатите на албанските партии. Влегувањето на новите градоначалници со асистенција на полицијата во општинските згради во Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток во мај минатата година предизвика протести на тамошните Срби, при што дојде и до судири меѓу демонстрантите и припадниците на КФОР.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови