сабота, декември 7, 2024
8.8 C
Skopje

Лајчак денеска во Косово на разговори во врска со забраната на српскиот динар

Специјалниот пратеник на Европската Унија во дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак се очекува утрово да допатува во Приштина, во обид за наоѓање решение во врска со проблемот настанат со одлуката на косовските власти за забрана на употребата на српскиот динар како платежно средство во Косово, јави дописникот од Приштина.

Лајчак преку неговата страница на Фејсбук објави дека во Приштина ќе се сретне со косовскиот вицепремиер, Бесник Бислими, со кого ќе разговара за одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК) за употреба на еврото како единствено готовинско платежно средство во земјата, односно за забраната на српскиот динар, што предизвика незадоволство кај српската заедница во Косово и остри реакции на властите во Србија, но и на меѓународната заедница.

Информацијата за посетата на европскиот емисар ја потврди и прес-службата на Владата на Косово, но во нејзиното соопштение не се споменува дека одлуката на ЦБК ќе биде тема на разговорот меѓу Лајчак и Бислими, кој е и главен преговарач на косовската Влада во дијалогот со Србија.

Според соопштението од службата за информирање на Владата во Приштина, Бислими и Лајчак ќе разговараат „за продолжување на имплементацијата на Основниот договор“ од Брисел од февруари минатата година, постигнат меѓу косовскиот премиер, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

– Првиот потпретседател на Владата за европски интеграции, развој и дијалог на Република Косово, Бесник Бислими ќе се сретне со специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, со кого ќе разговара за продолжување на имплементацијата на Основниот договор, се наведува во соопштението.

Средбата на Лајчак со Бислими е најавена за во 9.30 часот во Владата на Косово.

Бислими на 22 февруари изјави дека Косово во разговорите со посредство на ЕУ во врска со динарот нема да биде претставувано на политичко ниво, односно од него или од членови на преговарачкиот тим. Меѓутоа, пет дена подоцна, на 27 февруари, делегација на ЦБК во Брисел се сретна со претставници на Белград, на разговори за одлуката за забрана на динарот во Косово.

Претплатете се на нашиот билтен

За да се ажурирате со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

Слични текстови